Преглед на вестите од светот
Вториот ден од преговорите за завршување на војната помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, што се одржуваат во египетското летувалиште Шарм ел Шејк, заврши без видлив напредок, изјави неименуван египетски претставник.
Израелската и делегацијата на Хамас цврсто се држат до своите ставови, наведе изворот. Иако Израел и Хамас го поддржаа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на борбите, ослободување заложници и испраќање помош во Појасот Газа, сè уште има спорни прашања за двете страни.
Изворот тврди дека делегацијата на Хамас бара цврсти гаранции дека Израел нема да ги продолжи своите воени операции по ослободувањето на заложниците, инсистирајќи на целосен прекин на војната пред каква било размена и гаранции дека Израел нема повторно да ја нападне палестинската енклава. Египетскиот претставник додаде дека израелската делегација досега одбивала да разговара за запирање на војната пред размената.
За денеска на разговорите е најавена и американска делегација, предводена од специјалниот пратеник Стив Виткоф. Трамп изјави дека е оптимист за постигнувањето мировен договор во Појасот Газа.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските сили зазеле речиси 5.000 квадратни километри во Украина во 2025 година и дека Москва ја задржала целосната стратешка иницијатива на бојното поле.
Тој посети црква во Санкт Петербург на својот роденден 73 роденден, каде што се сретна и со водечки воени личности. Путин рече дека Киев се обидува да нападне длабоко на руска територија, но тоа нема да му помогне да ја промени ситуацијата во војната што трае повеќе од 3 и пол години.
Најмалку 15 лица загинаа откако автобус бил затрупан од свлечиште, предизвикано од поројните дождови, во северната индиска држава Химачал Прадеш. Спасувачите и локалното население на местото на несреќата сè уште трагаат по преживеани. Три деца се спасени од под свлечиштето и се хоспитализирани. Ненадејните поплави и лизгањата на земјиштето веќе одзедоа десетици животи во Индија во оваа сезона на монсуни.
Монсунските дождови, кои обично траат од јуни до септември, се од витално значење за земјоделската економија на регионот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар