Преглед на вестите од светот
Претседателот на САД Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа во Белата куќа изјавија дека се согласиле околу план за ставање крај на војната во Појасот Газа, но не е јасно дали тие услови ќе ги прифати другата страна – палестинскиот Хамас. Трамп претстави план од 20 точки за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас и за воспоставување повоена управа во Појасот Газа.
На заедничката прес-конференција американскиот претседател рече дека Израел ќе има „целосна поддршка“ од Вашингтон да преземе чекори за да го порази Хамас ако таа палестинска екстремистичка организација не го прифати предложениот мировен договор. Планот предвидува воспоставување привремен управен одбор со кој би раководел претседателот на САД, а во него би бил и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Со планот не се бара Палестинците да ја напуштат Газа и се повикува на моментален прекин на војната ако двете страни го прифатат. Се повикува и на ослободување на сите преостанати заложници што ги држи Хамас, во рок од 72 часа откако Израел ќе го прифати планот.
Нетанјаху изјави дека Израел „сам ќе ја заврши работата“ ако Хамас го одбие планот или ако наводно го прифати, а потоа направи сè за да му се спротивстави.
Тој упати официјално извинување до Катар поради неодамнешниот воздушен напад врз претставници на палестинскиот Хамас во Доха, кој предизвика гнев кај арапските лидери и ретка критика на Вашингтон кон Израел.
Нападот врз територијата на Катар – американски сојузник, земја богата со енергенси во која се стационирани илјадници американски војници и која беше главен посредник меѓу Израел и Хамас – претставуваше ескалација и ризикуваше да ги наруши преговорите за ставање крај на војната и ослободување на заложниците.
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за регрутирање на руски државјани за воена служба во периодот од октомври до декември 2025 година.
Документот е објавен на официјалниот портал каде што се објавуваат прописи и закони. До крајот на годината треба да се изврши регрутирање на 135.000 граѓани на Руската Федерација на возраст меѓу 18 и 30 години кои не се во резерва и подлежат на регрутација за воена служба“, се наведува во документот. Со истиот указ се наредува и отпуштање од воена служба на војници, морнари, водници и подофицери чиј рок на воена служба е истечен.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар