Преглед на вестите од светот
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека наскоро ќе објави „нешто посебно“ за мировните преговори за Блиски Исток.
-Имаме реална шанса да постигнеме нешто големо на Блиски Исток. Сите се подготвени за нешто посебно, за нешто што се случува првпат, Ќе направиме тоа да се случи, објави Трамп на својата платформа „Трут соушал“. Најавата на Трамп е пред денешната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Белата куќа. Тој изјави дека интензивно се преговара со претставниците од земјите од Блискиот Исток за изнаоѓање на решение за конфликтот во Појасот Газа.
Катарската телевизија „Ал Арабија“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека неколку арапски земји предложиле измени во американскиот план за завршување на војната во Појасот Газа. Меѓу измените се предлага по завршување на борбите Палестинската самоуправа да управува со Појасот Газа, а не привремена, преодна влада составена од палестински технократи.
Арапските држави предлагаат и целосно повлекување на Израел од палестинската енклава, како и Хамас да престане со вооружените активности, но не и да се разоружа.
Русија во неделата соопшти дека нејзините сили извршиле масовен напад врз Украина, насочен кон разни воени објекти, додека Украина, истиот ден, пријави 173 борбени ангажмани на фронтовските линии.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, зборувајќи во своето вечерно видео обраќање, рече дека очекува САД да „ја поттикнат Русија да ја промени својата позиција и да ја запре војната“. Тој додаде дека Украина ќе соработува со европските лидери за подобрување на воздушната одбрана.
Инаку при вчерашниот напад над Киев загинаа најмалку четири лица, а десетици беа повредени, во еден од најдолготрајните напади врз главниот град откако започна целосната војна.
Тајфунот Буалои ги погоди крајбрежните области на северно-централната виетнамска покраина Ха Тин, носејќи разорни ветрови и поројни дождови во раните утрински часови во понеделник. Дури и на места заштитени од ветер и дожд, стоењето и одењето на отворено беа исклучително тешко.
Снабдувањето со електрична енергија и интернет услугите се прекинати во неколку делови од покраината Ха Тин. За безбедносни мерки, виетнамската влада евакуираше десетици илјади жители, а на сите рибарски бродови им нареди да се вратат во пристаништата. Управата за цивилно воздухопловство на Виетнам ги суспендираше летовите на неколку аеродроми.
Според виетнамските власти, Буалој уби три лица, двајца беа повредени, а 21 се водат како исчезнати.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар