Преглед на вестите од светот
Шефот на полската дипломатија, Радослав Шикорски, изјави дека навлегувањето на руските дронови во воздушниот простор на Полска претставува обид на Кремљ да ја тестира реакцијата на НАТО на ескалација на тензиите, без да предизвика тотална војна со Западот. Тој потврди дека, иако дроновите кои го нарушиле полскиот воздушен простор можат да носат муниција, овојпат не биле опремени со експлозив. Како што изјави полскиот министер за британскиот весник „Гардијан“, одговорот на Варшава ќе бил многу построг доколку во навлегувањето на руските дронови имало повредени или загинати.
Кина и САД стартуваа со економски разговори во Мадрид, јавија новинската агенција Синхуа и шпанската влада. Трговските тензии меѓу Пекинг и Вашингтон постепено се зголемуваа во 2025 година, а двете земји се вклучија во заострување по прашањето на царинските мерки.
Во текот на годинава, царините меѓу САД и Кина достигнаа нивоа трипати поголеми од нормалните од двете страни, што го наруши синџирот на снабдување. Во август, двете земји се согласија да го одложат спроведувањето на понатамошното зголемување на царините за меѓусебен извоз за 90 дена, продолжувајќи го трговскиот договор до 10 ноември.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време средба со американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека неговата посета на Израел ја покажува „силата“ на врските меѓу двете земји. Стејт департментот претходно соопшти дека целта на неговото патување е да го увери Израел за поддршката од САД, во пресрет на претстојното признавање на палестинската држава од страна на неколку земји на Генералното собрание на ОН. Посетата се случува и покрај негодувањето на американскиот претседател Доналд Трамп поради израелскиот напад врз лидерите на палестинското исламистичко движење во Катар, кој е сојузник на САД.
Според последните податоци од властите во Непал, бројот на жртвите од минатонеделните немири се зголеми на 72, откако тимовите за пребарување пронашле тела во згради на државни институции, куќи и други објекти запалени за време на протестите против корупцијата.Според најновите податоци, најмалку 2.113 лица се повредени во немирите.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар