Преглед на вестите од светот
Во заедничка акција на Вишото јавно обвинителство во Белград, припадници на МВР на Србија и на Безбедносно-информативната агенција во текот на вчерашниот ден се уапсени осум лица поради сомневања за кривично дело „Подготовка на кривично дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија“.
Постојат основи за сомневања дека на 20 јуни 2025 година, во просториите на Електротехничкиот факултет и на 21 јуни 2025 година, во просториите на Градежниот факултет во Белград, тие договориле и подготвиле напад врз државни институции, блокирање патишта и клучна инфраструктура низ целата земја, со цел насилно менување на државниот поредок.
Утрово постепено се нормализира сообраќајот низ Белград откако до доцна во ноќта студентите во блокада и граѓани блокираа голем број раскрсници, улици и мостови во главнипот град на Србија.
Палестински семејства беа евакуирани од северна Газа и Џабалија во областа Шеик Радван во Газа во текот на вчерашниот ден по новите наредби за евакуација издадени од израелската армија.
Израелската војска им нареди пред да се очекуваат интензивирани борби против Хамас, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп повика на крај на војната во услови на обновени напори за посредување за прекин на огнот. Медицинските лица и жителите рекоа дека бомбардирањата на израелската армија ескалирале во раните утрински часови во Џабалија, уништувајќи неколку куќи и убивајќи најмалку шест лица.
Во Кан Јунис на југ, пет лица беа убиени во воздушен напад врз шаторски камп во близина на Маваси, соопштија медицински лица во неделата. Најмалку 12 други лица беа убиени во одделни израелски воени напади и огнено оружје низ енклавата, со што бројот на жртви во неделата се искачи на најмалку 23, соопштија медицински лица.
Воената ескалација доаѓа во време кога арапските посредници, Египет и Катар, поддржани од САД, започнуваат нови напори за прекин на огнот за да го запрат 20-месечниот конфликт и да обезбедат ослободување на израелските и странските заложници кои сè уште ги држи Хамас.
Во Севиља во неделата беше забележан првиот топлотен бран во пресрет на 4-та Меѓународна конференција на ОН за финансирање на развојот со екстремни температури, која почнува денеска во овој шпански град. Националната метеоролошка агенција издаде портокалова тревога, второто највисоко предупредување, бидејќи низ целиот регион беше регистрирана екстремна топлина.
Некои термометри покажаа температури и до 48 степени. Ова воедно се рекордни температури во Севиља во јуни, а претходните беа 45,2 сетпени. Туристите и жителите презедаа мерки на претпазливост, покривајќи ги лицата, барајќи сенка и разладувајќи се со вода.
Во германскиот град Бон, периодов се забележани високи температури од над 30 степени. Жителите како разладување и релаксирање се во близина на реката. Температурите во Германија се очекува и следните денови да бидат над просекот со максимални 38 степени во вторник и среда. Највисоката температура некогаш измерена во Германија беше 41,2 степени на 25 јули 2019 година во Дуизбург-Берл и Тоенисфорст.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар