Преглед на вестите од светот
Петти ден од нападите меѓу Израел и Иран
Израел и Иран веќе петти ден по ред вршат напади едни кон други. Сирени се огласија низ централен Израел рано наутро, се вели во соопштението на портпаролот на израелската армија.
„ИАФ работи за пресретнување и удар каде што е потребно за да се елиминира заканата“, се додава. Неколку минути подоцна напади имаше и врз пристанишниот град Хаифа. Но нема уште информации за жртви по новите ирански напади. Малку подоцна, сирените се огласија низ северен Израел, вклучително и во пристанишниот град Хаифа, поради уште еден ирански ракетен напад, соопшти армијата.
Една од зградите на Иранската државна телевизија IRIB соопшти дека била погодена во понеделникот во „брутална агресија“ од Израел, но додаде дека преносите во живо продолжиле без поголеми прекини, притоа три лица го загубиле животот. Меѓу целите на интензивните израелски воздушни напади во изминатите денови беше и Јужен Парс, најголемото наоѓалиште на природен гас во светот. Иранските власти делумно го прекинаа производството на гас од гасното поле, кое го делат со својот сосед Катар, откако израелски напад предизвика пожар таму во саботата. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека иранските сили ќе го „удираат“ Израел се додека не престанат нападите врз Исламската Република. Арагчи, нагласи дека САД би можеле да ги спречат нападите на Израел со „еден телефонски повик“.
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир во текот на вчерашниот ден го посети местото погодено од ирански проектил во текот на ноќта во градот Бнеи Брак, источно од Тел Авив. Тој, застана да разговара со жителите на областа. Најмалку 100 луѓе беа ранети во Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот рече дека Израел мора да ја отстрани секоја нуклеарна закана од Иран и дека не е изненаден од извештаите дека Иран се обидува да се врати на преговорите. Нетанјаху посочи дека атентат врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ќе „го заврши конфликтот“ меѓу двете држави.
Реакции има и во регионот - ирачаните се собраа во Багдад во понеделникот за да протестираат против тековните израелски напади врз Иран. Демонстрациите, на кои присуствуваа поддржувачите на ирачката шиитска група Асаиб Ахл ал-Хак, уследија по најголемиот воздушен напад на Израел во петокот чија цел беа ирански команданти, нуклеарни научници, воени инсталации и сомнителни нуклеарни локации.
14 лица убиени при руски напад врз Киев
Најмалку 14 лица, беа убиени во рускиот напад врз Киев во текот на ноќта, изјави украинскиот министер за внатрешни работи, Игор Клименко. Бројката на повредени изнесува 44 лица, притоа има оштетувања на стамбени објекти, образовни институции, како и други важни делови од инфраструктурата на градот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар