Преглед на вестите од светот
Во новите руски напади врз североисточниот украински град Харков во текот на ноќта загинаа две лица, а повеќе од 50 беа повредени, соопштија украинските власти. Интензивните напади од 17 беспилотни летала запалија 15 станови во петкатна зграда и предизвикаа штета во други делови од градот, изјави градоначалникот на Харков, Игор Терехов.
Девет од 54 повредени се хоспитализирани, вклучувајќи двегодишно девојче и 15-годишно момче. Тој додаде дека биле погодени неколку станбени згради и автобуска станица.
Харков, вториот по големина град во Украина, на помалку од 50 километри од руската граница, беше цел на катастрофални ноќни напади во текот на изминатата недела.
Граѓаните на Грац се собраа на главниот плоштад во градот за да запалат свеќи и да им оддадат почит на жртвите од пукањето. Луѓето оддаваат почит во тишина додека градот се обидува да го разбере трагичниот напад. Пукањето се случи во средното училиште во северозападен Грац, а училиштето објави порака на Инстаграм по трагедијата.
„Ова беше ужасен ден кој длабоко нè погоди и шокираше сите нас. Да продолжиме да се држиме заедно како училишна заедница и да се поддржуваме едни со други. Вашите наставници и вашиот директор“, се вели во пораката.
Според првичните извештаи, во училиште во Грац околу 10 часот вчера наутро се случило пукање. Најмалку 11 лица се мртви, вклучувајќи го и напаѓачот. Уште 11 лица се повредени во нападот, од кои седум се во критична состојба.
Масовни апсења од страна на полицијата на Лос Анџелес откако во делови од градот почна полициски час, што го прогласи градоначалничката Карен Бас. Таа кажа дека протестите против рациите на имигранти се ограничени на само пет улици во центарот, но сепак воведе локална вонредна состојба и делумен полициски час за да се спречат насилства и грабежи.
Полицискиот час се однесува на дел од градот од само 2,5 квадратни километри, каде што се одржуваат протести од петокот и не важи за оние кои живеат тука. Во градот почнаа да пристигнуваат маринци по наредба на Доналд Трамп, за да ѝ помогнат на Националната гарда во заштитата на федерални објекти и персонал. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го обвини Трамп дека ги разгорува протестите.
Преговарачките делегации на САД и Кина постигнаа фундаментален договор за заедничка структура за решавање на трговските несогласувања, што сега треба да биде ратификуван од страна на претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг.
Централно прашање во разговорите кои се водеа во Лондон се ретките земјени метали од Кина – клучни ресурси за батерии, турбини на ветер и одбранбени технологии. САД бараат реституција на количеството на пратки на ниво што компаниите го сметаат за идеален, забележа економскиот советник Кевин Хасет.
Најмалку 18 луѓе загинаа во израелскиот напад врз градот Газа, соопштија локални медицински извори, нападот што се случи близина на дистрибутивен центар за хуманитарна помош повредени се повеќе од сто луѓе. Израелската армија соопшти дека го разгледува случајот. Таа минатата недела ги предупреди Палестинците да не се приближуваат до патиштата кои водат до пунктовите на ХФГ од 18 до шест часот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар