Loading Video...
Свет
6. јуни 2025 - 12:11

Преглед на вестите од светот

Сирените се огласија во Ерусалим во текот на ноќта кога проектил од Јемен беше лансиран кон Израел и беше пресретнат од системите за воздушна одбрана соопшти израелската војска. Хутите продолжија да гаѓаат проектили кон Израел,.

Израелската војска соопшти дека напаѓа цели на Хезболах во јужните предградија на Бејрут, а либанската државна новинска агенција објави три напади.

Израелската армија претходно им порача на жителите на четирите населби во јужните предградија на либанската престолнина познати како Дахије да се евакуираат пред нападите врз, како што рече, подземните локации за производство на дронови на Хезболах финансирани од Иран.

Израел мора веднаш да ја запре кампањата во Газа и да ги заштити цивилите во палестинската енклава, изјави денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони. Италијанската влада долго време изразуваше поддршка за Израел, но италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани минатата недела изјави дека континуираниот напад на Израел врз Појасот Газа станал неприфатлив и мора веднаш да престане.

Лекари во Појасот Газа донираат сопствена крв за да спасат пациенти, откако израелските војници убија десетици Палестинци кои се обидуваа да соберат храна, објавија„Лекари без граници“. Персоналот во една од болниците каде што работат Лекари без граници морал да дава крв бидејќи повеќето Палестинци сега се премногу лошо нахранети за да донираат.

Кинескиот претседател Си Џинпинг телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, објави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, бидејќи билатералните односи се затегнати поради трговските спорови.

Телефонските разговори беа на барање на Трамп, соопшти Ксинхуа, без да даде дополнителни детали за разговорот на лидерите, додека Белата куќа немаше коментар на телефонскиот разговор. Земјите склучија договор од 90 дена на 12 мај за да повлечат некои од троцифрените царини што си ги поставија една на друга од инаугурацијата на Трамп во јануари.

Русија и Украина соопштија дека двете страни ќе спроведат уште една размена на затвореници овој викенд. Русија е целосно подготвена за рамноправна размена на воени заробеници на 7-9 јуни, со приближно 1.200 луѓе од двете страни, што ќе биде најголемата досегашна размена на воени заробеници. Од Украина стигна информација за размена „500 за 500“ овој викенд. 

На последниот состанок на министрите за одбрана пред Самитот на НАТО во Хаг се согласивме за амбициозен нов сет на цели за способност, изјави генералниот секретар на Алијанската, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на министерската средба, на која учествуваше и министерот за одбрана Владо Мисајловски. Руте најави дека ќе предложи инвестициски план што би предвидувал вкупни одбранбени издвојувања годишно на ниво пет отсто од БДП, од кои 3,5 отсто за основни трошоци одбраната за остварување на новите цели за способностите и уште 1,5 проценти во инвестиции поврзани со одбраната и безбедноста, како што се инфраструктурата и индустријата.