Loading Video...
Свет
21. May 2025 - 12:14

Преглед на вестите од светот

Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Каја Калас, изјави дека трговскиот договор на ЕУ со Израел ќе биде преиспитан поради „катастрофалната“ ситуација во Газа. Таа изјави дека огромното мнозинство од министрите за надворешни работи на ЕУ што се состанаа во Брисел ја поддржаа ревизијата на договорот за асоцијација на блокот со Израел поради настаните во Газа.

„Ситуацијата во Газа е катастрофална. Помошта што Израел дозволи да влезе е, секако, добредојдена, но е капка во морето. Помошта мора да дојде веднаш, без пречки и во големи количини, бидејќи тоа е она што е потребно“, изјави Калас

Во меѓувреме во Газа Израелските власти објавија дека 93 камиони со хуманитарна помош на ОН влегле вчера во опколениот и од војна разорен палестински Појас Газа. Министерството за одбрана соопшти дека е испорачано брашно за пекари, храна за бебиња, медицински материјали и лекови. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот изјави дека по два и пол месеци блокада на Газа поради меѓународен притисок, ќе дозволи влез на мал број камиони со хуманитарна помош. 

Меѓународниот детски фонд на Обединетите нации за Блискиот Исток и Северна Африка предупреди дека целиот Појас Газа се соочува со ризик од глад, при што бројот на неухранети деца постојано се зголемува. Децата во Појасот Газа, вклучувајќи ги и доенчињата во инкубатори, страдаат и се соочуваат со опасност од смрт. Бројката е околу 14.000 деца кои страдаат од тешка акутна неухранетост во Газа.