Преглед на вестите од светот
Соединетите Американски Држави и Саудиска Арабија потпишаа договор за продажба на воена опрема вреден речиси 142 милијарди долари, врз основа на кој Ријад ќе добие најсовремена опрема и услуги од американски компании, соопшти Белата куќа. Договорот, потпишан за време на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Ријад, е дел од ветените саудиски инвестиции во САД во вредност од 600 милијарди долари, се додава во соопштението.
Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман претходно денеска во Ријад потпишаа договор за стратешко економско партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Саудиска Арабија. Партнерството вклучува договори за областа на енергетиката, рударството и одбраната.
Руската делегација ќе ги чека украинските претставници во Истанбул, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, за телевизијата „Росија 1“. Тој не го откри составот на преговарачката група од руска страна, ниту пак го прецизираше времето на почетокот на состанокот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ќе направи сè неделава да се одржи најавената средба со Владимир Путин.
-Доколку Путин не е подготвен да дојде во Анкара, Ердоган и јас сме подготвени да одлетаме за Истанбул. Ќе направиме сè за да се случи таа средба, рече Зеленски.
Зеленски додаде дека, доколку преговорите не успеат, очекува „строги санкции“ од САД и Европската Унија, бидејќи тоа би покажало дека Русија не е подготвена за дипломатија.
За потсетување, директните преговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин треба да се одржат во четврток во Истанбул, со потенцијално учество на американскиот претседател Трамп.
Тој соопшти дека државниот секретар Марко Рубио ќе учествува во разговорите за војната во Украина изразувајќи оптимизам за исходот, додека специјалниот пратеник на Трамп за Украина, пензионираниот генерал Кит Келог, истакна дека САД се надеваат дека Владимир Путин ќе дојде на преговорите во Истанбул. Ако тоа се случи, рече тој, ќе дојде и самиот претседател Трамп.
Јеменските бунтовници Хути го нападнаа аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, поради што привремено се стопирани сите летови, јави јеменската телевизија Ал Масира. Хутите потврдија дека за нападот врз аеродромот биле употребени хиперсонични балистички ракети.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, Хутите лансираат ракети и дронови кон цели во Израел и нападнаа повеќе од 100 бродови во Црвено и Арапско Море. Јеменските бунтовници на почетокот од месецот соопштија дека ќе продолжат да ги напаѓаат само израелските бродови во Црвено Море. Напад над аеродоромот имаше и на почетокот на месецот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар