Loading Video...
Свет
8. May 2025 - 16:31

Преглед на вестите од светот

Два неуспешни обиди претпладнево за избор на 267-от Папа. Црниот чад од Систинската капела сигнализираше дека кардиналите не успеале со двотретинско мнозинство да се договорат кој ќе раководи со Римокаточката црква.

Околу 15.000 луѓе од целиот Свет на плоштадот Св. Петар ја чекаат конечната одлука.  

-Нема да си заминеме додека нема бел чад, нов Папа. Затоа дојдовме од Мексико.

-Помалку сум разорачаран, но ова беше очекувано. Сепак сме се уште на вториот ден.

-Да, дојдовме специјално за тоа. Беше изненадно патување, но тука сме. Затоа дојдовме, да видиме кој ќе биде новиот Папа.

133 кардинали од 70 држави и  помлади од 80 години учествуваат на конклавата во Сикстинската капела. За да се избере нов Папа потребни се 89 гласови. Секој ден може да има по четири гласања, два претпладне и два попладне. Доколку по 21 гласање кардиналите не можат да се договорат, тогаш во трка остануваат само двајца кандидати. 

Последни подготовки за одбележување на Денот на победата на Советската голема патриотска војна. Москва со тридневен прекин на огнот со Украина се подготвува за 80-тата годишница.

Претседателот на Кина Си Џипинг е највлијателниот политичар кој ќе присуствува на парадата. Вчера пристигна во Москва, а денеска беше пречекан со официјална церемонија од страна на првиот човек на Руската Федерација, Путин. 

Си Џипинг ќе остане во Москва до 10 мај. Лидерите на двете држави, се очекува, да имаат стратешка комуникација за односите меѓу Кина и Русија по серијата проблеми што се јавија на глобалната политичка сцена.

Се заоструваат судирите меѓу Индија и Пакистан. Официјален Исламабад соопшти дека во напад врз индиски воени бази на границата убиени се помеѓу 40 и 50 војници. Индија, пак, тврди вооружените сили нападнале и уништиле системи за воздушна одбрана и радари на повеќе локации во Пакистан. 

Судирите меѓу двете нуклеарни држави избија откако Индија изврши напади врз, како што тврди, терористички цели во соседната земја.

По напуштањето на колонијалните британски власти Пакистан се отцепи од индија бидејќи доминантното муслиманско население сакаше своја независна држава од Хиндуистите. Оттогаш досега имаше четири директни војни меѓу Индија и Пакистан и два регионални конфликти во кои и Њу Делхи и Исламабад имаа удел.