Преглед на вестите од светот
Индија денеска ги нападна Пакистан и пакистански Кашмир, а Пакистан соопшти дека собори пет индиски борбени авиони во најжестоките борби во повеќе од две децении меѓу нуклеарно вооружените непријатели.
Индија информираше дека погодила девет пакистански локации со „терористичка инфраструктура“, од кои некои се поврзани со напад на исламистички милитанти врз хинду туристи во кој загинаа 26 лица во индиски Кашмир минатиот месец. Пакистан соопшти дека шест пакистански локации биле цел и дека ниту една од нив не била воен камп. Бројката на жртви од нападот е 26, додека повредени се околу 50-тина лица.
Во Музафарабад, главниот град на Кашмир, управуван од Пакистан, имаше прекин на електричната енергија во утринските часови. Територјалниот спор околу Кашмир меѓу двете држави трае речиси 80 години.
Новоизбраниот германски канцелар Фридрих Мерц се состана доцна синоќа со својот кабинет на својот прв официјален состанок. Мерц беше избран за канцелар од парламентот во вториот круг гласање, бидејќи неговиот нов сојуз со централнолевичарските социјалдемократи доживеа изненадувачки пораз во првиот обид.
Социјалдемократот Олаф Шолц му ја предаде функцијата канцелар на својот наследник Мерц.
Осврнувајќи се на двата обиди да биде избран за канцелар, без преседан во германската политика, Мерц рече дека денот бил исполнет со неколку изненадувања, но додаде дека е благодарен што ја добил довербата од германскиот парламент во вториот круг од гласањето.
Русија и Украина разменија по 205 воени заробеници во размена со посредство на Обединетите Арапски Емирати, соопштија двете страни. Размената се случи во текот на вчерашниот ден. Ова е петта размена на војници годинава и 64-та за време на војната која трае веќе 38 месеци. Секако покрај војниците најрадосни беа членовите на нивните семејства откако повторно ги видоа најблиските.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар