Преглед на вестите од светот
Најмалку три лица загинаа откако дошло до силна експлозија во зграда во југозападниот дел на рускиот главен град Москва. Според неофицијалните информации, експлозијата била предизвикина од гас, притоа таа придонела за голем пожар кој ги зафатил становите од деветиот спрат на зградата. Некои од станарите биле заробени во зградата, од каде повикувале на помош. Според информациите, повредени се повеќе од 15 лица.
Еден станбен блок има големи оштетувања, а според очевидци експлозијата наликувала на удар на гром. Две од лицата кои загинале живееле во станот каде се случила експлозијата, а пожарникарите успеале да го изгансат пожарот.
Опозицискиот ултрадесничар Ѓорѓе Симион и градоначалникот на Букурешт Никушор Дан ќе се борат на 18 мај во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија, објавија утрово романските медиуми, повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија (АЕП).
По пребројувањето на 99,99 проценти од гласовите по вчерашниот прв круг од претседателските избори, резултатите објавени од АЕП покажуваат дека Симион освоил 40,94 проценти од гласовите, а Никушор Дан 20,99 проценти од гласовите, објавува романскиот портал Диги24.
Победа на Симион, според Ројтерс повикувајќи се на политичките набљудувачи, би можела да ја изолира земјата и да го дестабилизира источниот дел на НАТО, каде што Украина се бори против тригодишната руска инвазија. Симион се спротивставува на воената помош за соседна Украина, критичен е кон раководството на ЕУ и вели дека е поврзан со движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ на претседателот на САД.
Изборите во Романија се одржуваат откако на 6 декември минатата година, Врховниот суд ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори.
Израелската армија потврди дека повикува „десетици илјади“ резервисти поради проширување на операцијата во Газа, изјави началникот на израелскиот Генералштаб, генерал Ејал Замир.
„Го зголемуваме притисокот со цел да ги вратиме нашите луѓе (заложниците) и да го победиме Хамас“, рече генералот Замир, ова особено е актуелно по ракетниот напад на проиранските шиитски бунтовници хути врз аеродромот Бен-Гурион во Израел.
Израел моментално контролира една третина од палестинската енклава, инаку премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху ја одложи претстојната посета на Азербејџан.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар