Loading Video...
Македонија
2. May 2025 - 12:25

Преглед на вестите од светот

Претседателот на САД, Доналд Трамп потврди дека го разрешува својот советник за национална безбедност мајк волц по протекување информации во чет група, но дека тој е новиот избор за амбасадор на сад во обединетите нации.

„Мајк Волц работеше напорно за да ги стави интересите на нашата нација на прво место. Знам дека ќе го стори истото и на својата нова улога“, објави Трамп на Truth Social. Државниот секретар Марко Рубио сега ќе биде и „привремен“ советник за национална безбедност, наведе Трамп.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја пофали Франција за време на средба со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за европска поддршка за мировниот договор за Украина и рече дека Европа мора да вложи напор да обезбеди реални ресурси и политичка волја за да помогне во завршувањето на војната.

Рубио изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е фокусиран на запирање на бесмисленото крвопролевање во Украина и ја потврди посветеноста на САД на тесна соработка со Франција и другите европски партнери за да се обезбеди траен мир.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави договорот за минерали со Соединетите Американски држави како навистина еднаков и праведен договор .

Зеленски рече дека договорот за минерали го отвора патот за модернизација на индустриите во Украина. Киев е многу зависен од американските воени резерви од целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година и напомена дека Москва ги интензивирала нападите врз Украина откако САД ги засилиле напорите да обезбедат мировно решение.

Рекордни температури беа измерени вчера во Лондон од 28 степени. Британската метеоролошка служба соопшти дека рекордната топлина е забележана во лондонските градини Кју, што го прави официјално најтоплиот почеток на месец мај досега во Велика Британија.

Жителите на градот и туристите во парковите и по улици уживаа во невообичаено високите температури. Претходната рекордна висока температура на првиот ден од мај беше 27,4 степени во Лосимут во Шкотска, во 1999 година, соопшти канцеларијата на Мет.