Loading Video...
Свет
1. April 2025 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Силниот и обилен дожд и невремето што вчера попладне ги зафати островите Парос и Миконос предизвика многу проблеми. Во најпогодените места улиците се претворија во реки, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите и посетителите дека е забранет сообраќајот на сите возила, со исклучок на оние за итни случаи. На Парос водата на поплавените улици повлече паркирани автомобили. Има оштетувања и на патната мрежа со одрони, поплави со што сообраќајот на некои места е прекинат.

Беше упатен и хеликоптер од Атина за помош, но поради лошите временски услови не успеа да стигне и се врати во грчката метропола. 

Училиштата денеска и на двата острови ќе останат затворени. Проблеми, но од помали размери имаше и на островот Сирос.

Беше испратена порака до жителите и им препорачаа на бидат внимателни во движењата и да ги следат упатствата на надлежните.

Голем број спасувачки екипи работат на пребарување на настрадани од страотниот земјотрес што во петокот го погоди Мандалеј во Мјанмар.  Спасувачите „прочешлале“ низ урнатините на станови, хотели и болници за да пронајдат знаци на живот. Но, континуираните последователни потреси, прекините на струја, уништени патишта и прекини во комуникацијата ја отежнаа нивната работа. Како одминуваат часовите се помли се шансите да се стигне и до евентуално преживеаните, а кучињата трагачи се постојано подготвени за да откријат какви било знаци на живот. Операциите за пребарување и спасување продолжија и во текот на денешниот ден на урнатото градилиште во Бангкок, каде што 74 лица се водат како исчезнати.

Дел од преживеаните деновиве се под ведро небо откако нивните домови се срушени од силниот земјотрес, кој беше со јачина од 7,9 степени. Бројката на загинати во Мјанмар се искачи на 2.056, а приближно 3.900 лица се повредени и речиси 270 се водат како исчезнати. Од силниот земјотрес потврда за 20 смртни случаеви има и во Тајланд. 

Руското Министерство за одбрана објави дека руската армија ја вратила од украинските сили населбата Гоголевка во регионот Курск. Русија го забрза обидот да ги „избрка“ украинските сили од Курск, каде што ја презедоа контролата врз околу 100 населени места со ненадеен упад на руска територија минатиот август. Претседателот Владимир Путин беше во посета на Курск претходниот месец.