Преглед на вестите од светот
Вртоглаво расте бројот на жртви по разорниот земјотрес во Мјанмар. Денеска се потврдени над 2.050 мртви, а речиси 4.000 повредени. Според официјалните државни податоци, 270 луѓе се водат за исчезнати.
Државата се наоѓа пред монсунска сезона што дополнително може да донесе нови разурнувања. Покрај штетите од земјотресот, спасувачките тимови имаат комплицирана задача поради крвавата граѓанска војна во поголемиот дел од земјата, вклучително и областите погодени од земјотресот. Владините сили во 2021 година ја загубија контролата врз поголемиот дел од земјата, а многу места се опасни или невозможни за пристап на хуманитарните групи.
Според Обединетите нации, повеќе од 3 милиони луѓе се раселени поради борбите, а речиси 20 милиони имаат потреба од помош.
Францускиот суд и забрани на Марин ле Пен да се кандидира за јавна функција во следните пет години со што практично таа нема да може да се кандидира на следните претседателски избори во 2027. Лидерката на крајнодесничарската партија Народен Фронт беше беше прогласена за виновна со судскиот процес за злоупотреба на европските фондови.
Дополнително, таа е осудена и на четири години затвор, од кои две се условни. Но прашање е дали ќе мора да оди во затвор. Ле Пен веќе најави дека ќе се кандидира на претстојните претседателски избори. Засега таа нема дадено изјава за париските медиуми, но во едно интервју кажа дека не била нервозна додека ја чекала одлуката на судот.
Политичките чинители кои се идеолошки блиски до Ле Пен и во Франција, но и во Европа пресудата ја оценија како „лош филм“ и „објава на војна од страна на Брисел“.
Нови протести денеска во Србија. По нападот на деканката на Филозофскиот факултет во Ниш, за вечер закажани се протести во Белград, Крагуевац, Ниш и Нови Сад. Студентите го блокираат Правниот факултет и од денеска организираат Недела на хуманитарни претстави.
Белградскиот универзитет побара итна реакција од надлежните институции откако деканката на Филозофскиот факултет, Наталија Јовановиќ беше нападната пред факултетот. Според нив, тој начин на насилство треба да се гледа во контекст на атмосфера создадена од клевети, навреди, закани и притисок од високи јавни функционери.
Претходно, српскиот премиер Вучевиќ најави дека Србија ќе добие нова Влада, но таа нема да биде преодна, туку на граѓаните на Србија. Земјата се наоѓа во политички ќорсокак. По големата трагедија во Нови Сад, кога 16 луѓе загинаа по пад на натстрешница, избија големи протести и блокади, организирани од студентите.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар