Loading Video...
Свет
29. March 2025 - 16:24

Преглед на вестите од светот

Бројот на загинати од разорниот земјотрес кој го погоди Мјанмар надмина 1.000. Тлото и денеска се тресе, а регистрирани се неколку посилни афтершокови. Според проценките на странски ескперти, земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтер ослободил енергија еднаква на 334 атомски бомби.

Странски спасувачки тимови веќе се пристигнати и се обидуваат да им помогнат на локалните власти во потрагата по преживеани. Земјотресот предизвика огромни инфраструктурни штети, оштетени се мостови, патишта, згради…

Жртви има и во соседен Тајланд каде по уривање на две згради и еден облакодер загинаа најмалку девет луѓе, а околу 50 се водат за исчезнати.

Илјадници луѓе се собраа во Истанбул во знак на протест по апсењето на градоначалникот Екрем Имамоглу - главниот ривал на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Илјадниците луѓе ги послушаа повиците на опозицијата да излезат на улиците ширум земјата. 

-Не се плашам и ќе продолжам да пркосам. Ги повикувам сите да не се плашат, вели Гунај Јилдиз.

Иако протестите поминаа генерално мирно сепак полицијата приведе 2.000 луѓе. 

Имамоглу беше уапсен минатата недела под обвинение за мито. Опозицијата обвинува дека случајот е политизиран и има за цел да ја елеминира потенцијалната политичка закана за Ердоган. Власта, пак, негира какво било влијание врз правосудството и вели дека судовите се независни.

Пристигнав - ваква порака испрати лидерот на босанските срби Милорад Додик по налогот за негово апсење. Засега не се знае каде точно пристигнал, но откако налогот беше објавен тој отпатува за Белград, а потоа за Израел.

Околностите по кои ја преминал границата се предмет на истрага во Граничната полиција на Босна и Херцеговина. 

Засега не е познато дали тој се вратил во Бања Лука и ако е така, како ја поминал границата. Според пишувањата на српските медиуми, авионот од Израел слетал во Белград, а набрзо потоа полетал и слетал за Бања Лука. Но не се знае дали Додик бил во него.

Судот во Босна и Херцеговина му одреди притвор зашто не одговорил на покана за распит која претходно му ја испратило Обвинителството како дел од истрага за сомневања за загрозување на уставниот поредок на државата.