Loading Video...
Свет
28. March 2025 - 12:26

Преглед на вестите од светот

Европските сојузници на Украина, на состанок во Париз, едногласно се изјаснија против какво било укинување на санкциите кон Русија. Воедно Франција и Велика Британија изразија подготвеност да распоредат војски во Украина како „гаранција за безбедност. Во таа насока, француско-британска мисија ќе замине „во следните денови за Украина“, објави францускиот претседател Емануел Макрон. Париз и Лондон веќе се водечки земји во мобилизацијата за поддршка на Украина.

Мисијата ќе треба да подготви и „каков ќе биде форматот на украинската армија“, која останува главната „гаранција за безбедност“ на Киев, појасни Макрон по состанокот на кој учествуваа околу 30 држави. Во однос на економското прашање, земјите што ја поддржуваат Украина „едногласно одлучија“ дека санкциите против Москва не смеат да се укинат, и покрај тоа што Вашингтон размислува за таков чекор, увери францускиот претседател.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, по завршувањето на самитот во Париз изјави дека „Русија не сака никаков мир“. Тој додаде дека руските услови за прекин на огнот во Црното Море се нереални, изјави Зеленски. Воедно нагласи дека Москва се обидува да ги одолговлекува преговорите за да заземе уште поголема територија во Украина. Зеленски, исто така, предупреди дека евентуално укинување на санкциите кон Русија во овој момент би било „катастрофа за дипломатијата“.

Зеленски изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер сега ја предводат Европа и ги пофали САД, Велика Британија и Франција како „забрзувачи“ на мировниот процес.

Жителите на една населба во Истанбул во знак на солидарност за демонстрантите и лути поради апсењето на градоначалникот на градот, Екрем Имамоглу удираа во тенџериња и тави. Луѓето стоеја,а од приборот се слушаа гласни звуци, додека демонстрантите минуваа покрај нивните домови.

Инаку, турските студенти се собраа осма вечер во Истанбул и ги продолжија протестите против затворањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Демонстрантите подоцна беа растерани од полицијата. Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја рече дека 1.879 лица биле приведени од протестите што избувнаа минатата среда додавајќи дека судовите осудиле 260 од нив. Тој рече дека 489 се ослободени, а 662 се уште се во процес, а 150 полицајци се повредени.

Утринава два разорни земјотреси го погодија Мјанмар. Земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран на 33 километри југозападно од Мандалеј, на длабочина од 10 километри, а потоа уште еден со јачина од 7,1 степен.