Loading Video...
Свет
27. March 2025 - 12:10

Преглед на вестите од светот

Во напад со дронови во Харков повредени девет лица

Во напад на украинскиот град Харков повредени се девет лица, јавуваат локалните медиуми. Нападите биле извршени од руска страна со дронови, а имало 10-15 експлозии. Оштетени се голем број на згради, како и котларата за греење која била единствената за областа Харков. Службите за спасување имаа многу работа од причина што територијата на нападот е голема.

Франција ќе додели две милијарди евра воена помош за Украина

Франција ќе додели дополнителни две милијарди евра за воена поддршка на Украина. Ова синоќа го соопшти францускиот претседател Емануел Макрон, пренесоа светските агенции.

Тој рече дека новиот пакет помош за Украина вклучува противтенковски ракети, ракети земја-воздух и беспилотни летала. Макрон имаше средба со својот украински колега Володимир Зеленски, кој пристигна во Париз за да учествува на денешниот самит организиран од францускиот лидер, посветен на темата Украина.
Францускиот претседател изрази надеж дека Русија ќе прифати 30-дневен прекин на огнот без предуслови. Сепак, тој ја обвини Москва дека ја покажала својата волја да војува и да додава нови услови на договорот за кој се преговара со посредство на САД, а чија цел е прекин на огнот во Црното Море и мораториум на нападите врз енергетските капацитети.

Руте: Четирите американски војници во Литванија се загинати

Четворицата американски војници кои исчезнаа за време на воена вежба во Литванија загинаа, изјави генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Тој додаде дека се уште не знае детали за тоа што се случило со војниците. Руте е е во посета на Полска. Четворицата војници исчезнаа за време на воена вежба, а литванската војска и полиција, заедно со американски воен персонал, започнаа потрага по нив. Амбасадата на САД во Литванија на мрежата Икс објави дека војниците исчезнале во тренинг област во близина на границата со Белорусија.

Нури Аслан привремен градоначалник на Истанбул

Градскиот совет на Истанбул, каде што опозициската Републиканска народна партија има мнозинство, избра вршител на должноста градоначалник, откако актуелниот градоначалник Екрем Имамоглу беше приведен под обвиненија за корупција што тој и неговите поддржувачи ги негираат. Градскиот совет, кој брои 314 членови, го избра Нури Аслан за привремен градоначалник со 177 гласа.Минатонеделното апсење на Имамоглу предизвика најмасовни антивладини протести во Турција во изминатите десет години и резултираше со бројни апсења, откако стотици илјади граѓани излегоа на улиците на мирни демонстрации низ целата земја. Вршителот на должноста ќе го води градот до крајот на мандатот на Имамоглу, додека тој го чека судскиот процес. Уапсениот Имамоглу е најголемиот политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган.