Преглед на вестите од светот
Лидерот на Хезболах Наим Касем побара повлекување на сите израелски воени сили од либанска територија до вторник, како што беше договорено во последната рунда од договорот за прекин на огнот, поради загриженоста предизвикана од продолжувањето на присуството на израелската армија.
Израелската армија го информираше комитетот за следење на прекинот на огнот за својата одлука да остане на пет локации во јужен Либан до крајот на месецот. Најавата дојде два дена откако Израел рече дека ќе остане во областите каде Хезболах е доминантна сила. Либан го отфрли барањето на Израел за продолжување.
Авион на „Делта ерлајнс“ се преврте синоќа при слетувањето на меѓународниот аеродром Пирсон во Торонто, соопштија официјални лица. Авионот пристигнал од Минеаполис, и во него имало околу 80 патници. Осумнаесет лица се префрлени во локалните болници по авионската несреќа на аеродромот во Торонто. Пистата била сува и немало бочен ветер, а одговорните ги истражуваат причините за инцидентот. Во авионот имало 22 Канаѓани, а останатите се странци. Никој од повредените не е во критична состојба. Две од пистите на аеродромот остануваат затворени. Во деновите од викендот силни ветрови и ниски температури по снежната бура беа причина за откажани летови.
Во Бразил, поточно во Рио Де Женеиро за првпат е активиран алармот „топлина 4“ откако беа измерени 44 степени во понеделникот. Ова значи дека во период од три дена се очекуваат температури над 40 степени. Градските власти им препорачаа на жителите да избегнуваат директно изложување на сонце. Топлотниот бран го погоди Рио де Жанеиро на помалку од две недели пред светски познатиот фестивал, влијаејќи на градежните работници кои моментално ги склопуваат инсталациите на фестивалот и ја зголеми загриженоста за непречено одвивање на настаните.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар