Преглед на вестите од светот
Студентите во Србија денеска имаат прошетката од Факултетот за драмски уметности во Белград, која треба да заврши утре вечер пред Железничката станица во Нови сад.
Полицијата ќе ја обезбедува трасата на прошетката. Сообраќајот ќе биде запрен и пренасочен. Иако овој настан не е пријавен според законот пет дена порано, сепак во заеднички интерес е да има безбедност, изјави министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ.
Со настанот студентите сакаат да одбележат три месеци од несреќата на Железничката станица во Нови Сад. Брањата на студентите остануваат објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица. Во блокадите учествуваат студенти од 63 факултети од пет државни универзитети, два приватни факултета и четири високи стручни школи.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа помилуваше 13 лица меѓу кои шест студенти кои беа уапсени за време на протестите. На состанокот комисијата за помилување ги разгледа предлозите на министерот за правда и едногласно ги усвои за што беше информиран претседателот.
Регионален патнички авион на „Американ ерлајнс“ се судри во воздух со хеликоптер „Блек Хок“ на американската армија во близина на националниот аеродром „Реган Вашингтон“ и авионот се урна во реката Потомак. Американските медиуми јавуваат дека досега се пронајдени најмалку 18 тела. Во авионот имало 60 патници и четворица членови на екипаж. Американската војска соопшти дека во хеликоптерот имало тројца војници. Во пребарувањето во водите на реката учествуваат нуркачки тимови.
Во текот на денешниот ден предвидено е нова замена на заложници меѓу Израел и Хамас. Израел ќе ослободи 110 палестински затвореници, од кои 33 се на доживотна затворска казна за смртоносни напади, за тројца заложници цивили.
Во почетната шестнеделна фаза од договорот, 33 израелски заложници треба да бидат ослободени во замена за 1.904 палестински затвореници од израелските затвори. Во Израел има собири на граѓани каде го очекуваат враќањето на најблиските.
Нијагарините водопади, познатата туристичка дестинација, се обвиткани со снег и мраз во период на ниски температури кои се забележани последните денови. И оваа појава предизвикува атракција за туристите кои се присутни. Пејзажот со снег, кој го опфаќа Центарот за добредојде на Table Rock и палубите за набљудување, претстави извонреден и уникатен поглед на водопадите, зголемувајќи го шармот на оваа зимска земја на чудата.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар