Преглед на вестите од светот
Новиот државен секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, изјави дека завршувањето на руската војна во Украина ќе биде официјална политика на САД за време на претседателот Доналд Трамп, како дел од целта на таа администрација да промовира мир.
Рубио рече дека ќе биде „комплицирано бидејќи секоја страна ќе мора да се откаже од нешто“.
Тој беше првиот од кандидатите за кабинетот на Трамп кој положи заклетва, откако американскиот Сенат едногласно ја потврди неговата номинација. Говорејќи во Белата куќа, откако положи заклетва, Рубио вети дека ќе ја спроведе надворешната политика на Трамп „за унапредување на националните интереси“ на земјата.
Бројката на камиони кои носат хуманитарна помош во Газа по три дена од прекинот на огнот е околу 2.500. Близу 900 камиони влегоа во текот на вчерашниот ден соопштија од Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања.
Но, шефот на ОН Гутереш предупреди дека агенциите на ОН сè уште се соочуваат со „значителни пречки, предизвици и ограничувања“. Тој ги повика сите страни да обезбедат „неопходна техничка, заштитна и комуникациска опрема“. Тој, исто така, подвлече дека страните мора да се координираат со системот на ОН навремен и ефикасен начин, вклучително и враќање на јавниот ред и безбедност за да се спречи грабежот на хуманитарните резерви.
Бројот на загинати во разорниот пожар во хотел во турскиот ски-центар Карталкаја во северозападната провинција Болу се искачи на 76, соопшти турското Министерство за внатрешни работи. Пожарот избувнал на 12-тиот кат на дрвен хотел во Карталкаја, популарен ски-центар во планините Короглу, на околу 300 километри источно од Истанбул.
Хотелот имал капацитет од 238 гости.
Првичните испитувања покажале дека пожарот настанал во ресторанот на четвртиот кат пред да ги зафати горните нивоа. Спасувачките операции се завршени и пожарот изгаснат, при што девет лица поврзани со инцидентот, меѓу кои и сопственикот на хотелот, се приведени. Причината за пожарот останува под истрага. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторник прогласи Ден на жалост во среда.
Четири лица се убиени и четири ранети во напад со нож во центарот на Тел Авив доцна синоќа според израелската служба за итни случаи. Израелската полиција соопшти дека напаѓачот е „неутрализиран“, но не даде повеќе детали за идентитетот или состојбата на напаѓачот. Сите четири повредени се пренесени во болница. Полицијата соопшти дека сè уште ја проценува областа за да отфрли какви било дополнителни напаѓачи. Нападот се случил во центарот на градот, во популарна област со многу ресторани и кафулиња. Полицијата не ја исклучува можноста дека станува збор и за терористички напад.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар