Преглед на вестите од светот
САД ќе и обезбедат на Украина воена помош за одбрана од руски напади во износ од 725 милиони долари, објави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Одлуката е донесена во контекст на напорите на тимот во заминување на претседателот Џо Бајден да ја зајакне позицијата на владата во Киев во војната за да се одбие руската инвазија пред тој да ја напушти Белата куќа во јануари. Поддршката меѓу другото ќе вклучува ракети Стингер, муниција за ракетните фрлачи HIMARS, беспилотни летала и противпешадиски мини.
„САД и повеќе од 50 други земји се обединети во нивните напори да ги гарантираат одбранбените способности на Украина пред руската агресија“, рече Блинкен.
Израел и Хезболах се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот за прекин на огнот, при што Израел ги продолжува своите воени операции во јужен Либан, а вооружената група тврди дека ги нападнала израелските сили во понеделникот.
Според израелската армија цел на Хезболах била инфраструктурата, воените возила и персоналот во последните два дена. Хезболах соопшти дека нападнал израелски воени цели во понеделникот, карактеризирајќи ги како одговор на повторените израелски прекршувања на примирјето и предупредување.
Израелските одбранбени сили потврдија дека врз израелска база во близина на границата биле испукани два минофрлачи, при што немало жртви.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот го обвини Хезболах за прекршување на договорот за прекин на огнот и вети „силен одговор“ откако групата ги лансираше двата минофрлачи претходно истиот ден.
Во меѓувреме десетици доброволци и извидници на Хезболах се собраа во понеделникот во јужните предградија на Бејрут за да ги отстранат остатоците и да ги исчистат улиците. Тие ги расчистуваат местата по израелските напади.
Повеќе од два метри снег наврнаа во малиот град Фредонија во близина на езерото Ири во западниот дел на Њујорк. Локалното население се организраше за расчистување на снегот, локалните компании активно им помагаат на жителите во расчистувањето и обезбедувањето проодни патишта. Наставата во училиштата во понеделникот беше откажана за да се даде приоритет на безбедноста на учениците и вработените.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар