Loading Video...
Свет
21. October 2024 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Tурскиот духовник Фетулах Ѓулен почина на 83-годишна возраст во Пенсилванија, САД. Профилите на социјалните мрежи поврзани со Ѓуленистичкото движењето, вклучително и внуците на Ѓулен, објавија дека тој починал од кардиоваскуларни проблеми. Во последните години здравјето на Ѓулен значително се влоши. Покрај откажување на бубрезите и дијабетес, тој боледувал и од деменција, објавија турските медиуми.

Повеќе од две децении, живееше во замок во Пенсилванија што го користеше како седиште на неговото движење. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвини Ѓулен дека е организатор на неуспешниот пуч на 15 јули 2016 година, во кој во Турција беа убиени 252 лица, а повеќе од 2.700 беа повредени.

Турската влада поднесе седум формални барања за екстрадиција до САД, обвинувајќи го Ѓулен за злосторства кои се движат од организирање на обидот за пуч до шпионажа, измама и перење пари. Се вели дека неговата организација била вклучена во различни незаконски активности, вклучувајќи прислушување и политичка шпионажа.

Силни експлозии и пожар беа забележани во близина на меѓународниот аеродром во Бејрут во текот на ноќта, а областа околу аеродромот беше опфатена со густ чад. Израел соопшти дека подготвува напади на локации поврзани со финансиските операции на либанската група Хезболах, притоа соопшти дека го погодил штабот на разузнавањето на Хезболах во либанскиот главен град Бејрут, воедно им порача на луѓето веднаш да ги напуштат тие области. Засега нема информации за жртви. И покрај силните експлозии во близина на аеродоромот во Бејрут – авио сообраќајот е во функција и денеска во утринските часови, како што беше и синоќа за време на нападите. 

Камиони со хуманитарна помош тргнаа од Израел во Појасот Газа преку преминот Ерез во текот на утринските часови денеска. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и државниот секретар Антони Блинкен побараа конкретни мерки за справување со влошената хуманитарна ситуација во Газа, или Израел ќе се соочи со потенцијални ограничувања на американската воена помош.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и посака среќен роденден на својата противкандидатка Камала Харис, за време на настапот во Ланкастер, Пенсилванија. Харис вчера го прослави својот 60-ти роденден, додека водеше кампања во Џорџија.

Ураганот Оскар во текот на вчерашниот ден ја погоди Куба, носејќи силни ветришта, силен бура и дожд во делови на источниот дел од државата и се заканува дополнително да ги усложни напорите на владата да ја обнови доставата на електричната енергија, откако пред неколку дена целиот остров остана без струја. 

Владата ја прекина наставата во училиштата што е речиси невиден потег во Куба – а причините се ураганот и тековната енергетска криза. Се очекува Ураганот Оскар да ослабне и да биде тропска бура откако ќе се движи северно од Куба и централните делови на Бахамите.