Loading Video...
Свет
15. October 2024 - 12:24

Преглед на вестите од светот

Најмалку 21 лице загина, а осум други се повредени во израелски воздушен напад во претежно христијанско село во северен Либан, кое е далеку од упориштето на Хезболах, соопшти во понеделникот либанското Министерство за здравство. Израелската војска соопшти дека го убила Мухамед Камал Наим, командант на противтенковската ракетна единица под елитните сили Радван на Хезболах, во воздушен напад во Набатиех, јужен Либан. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека пронашле подземен комплекс во јужен Либан кој служел како команден центар за силите Радван, а таму биле откриени многу борбени објекти и опрема.

Сирените се огласија во Тел Авив, и во централен Израел во понеделникот попладне. Израелската војска соопшти дека проектилите биле пресретнати, а израелски воени авиони погодиле ракетни фрлачи користени во нападот. Се наведува дека нема пријавени повредени.

Мировниците на ОН ќе останат на сите свои позиции во Либан и покрај повиците на израелските власти да ги напуштат позициите кои се во близина на Сината линија меѓу Либан и Израел, изјави синоќа шефот на мировните сили на ОН, Жан-Пјер Лакроа, заменик-генералниот секретар на ОН за мировни операции.

Во меѓувреме, Советот за безбедност ја изрази својата силна загриженост поради тековните непријателства преку Сината линија, во кои беа ранети неколку мировници во текот на изминатите денови.

ОН имаат околу 10.000 членови, распоредени во јужен Либан како тампон зона со Израел.

Сината линија, се протега на 120 километри долж јужната граница на Либан, е поставена од Обединетите нации во 2000 година, која ги дели либанските и израелските вооружени сили.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот ги отфрли обвинувањата дека израелските војници намерно ги гаѓале мировниците на во Либан и го повтори повикот тие да бидат повлечени од борбените зони.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се обрати на самитот на Европската унија на 17 и 18 октомври, каде се очекува да го претстави својот план за победа. Тоа го соопшти синоќа по состанокот на Советот за надворешни работи, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

Русија соопшти дека зазела уште една населба во украинскиот регион Запорожје, притоа уништиле украински оклопни возила, складишта за муниција и друга опрема и објекти.

Во правец на Покровск, руската војска извршила 18 напади врз украинските позиции, а на фронтот Курахове, руските сили извршија 29 напади врз повеќе станбени области. Украинските трупи успешно одбија 18 од овие напади, а битките сè уште се во тек, соопшти украинската страна.