Loading Video...
Свет
21. јуни 2024 - 12:16

Преглед на вестите од светот

Стотици израелски демонстранти се собраа пред резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во четвртокот вечерта во Ерусалим спротивставувајќи се на владата и барајќи договор за ослободување на сите заложници држени во Газа. Многумина го вееја израелското знаме и скандираа во ритамот на дување на вувузели среде силно полициско обезбедување. Тие го критикуваа начинот на кој владата се справува со конфликтот, вклучително и војните со Хамас во Газа и зголемената тензија со Хезболах во Либан.

„Сакаме влада која работи за луѓето што се обидува да ги врати заложниците“, „Сакаме Хамас да си замине И ние сакаме да се чувствуваме безбедно во нашата земја“, беа пораките на демострантите.

Сепак, и покрај протестите политичкиот пејзаж останува непроменет, при што Нетанјаху одржува стабилно мнозинство во парламентот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги известил израелските претставници за време на вчерашната средба дека е неопходно да се избегне понатамошна ескалација во Либан во услови на конфликт во Појасот Газа, соопшти Стејт департментот.

Американскиот државен секретар ја истакна важноста да се спречи понатамошна ескалација во Либан и да се постигне дипломатско решение што „ќе им овозможи на израелските и либанските семејства да се вратат во своите домови“.

Топлото време кое е присутно во поголемиот дел од Европа создава проблеми, па така Италијанците и туристите се борат со температури до 39 степени Целзиусови додека ги разгледуваа знаменитостите на Рим.

За да ги посетат најпознатите споменици на Вечниот град, туристите се спротивставија на високите температури, наполнија шишиња со вода и бараа засолниште во сенка. Водата е најбараното нешто при високите температури.

Топлотниот бран „Минос“, именуван по митолошкиот крал на Крит, син на Зевс и Европа, ќе донесе температури до 40 степени јужна Италија за петок.

Алберто, првата именувана бура во сезоната на урагани во Атлантикот во 2024 година, ослабе во тропска депресија,  додека се движи кон внатрешноста на североисточно Мексико. Гувернерот на мексиканската држава Нуево Леон изјави за локалните медиуми дека најмалку три лица, сите под 18 години, загинале поради невремето.

Американскиот Национален центар за урагани (NHC) соопшти дека бурата ќе продолжи да носи обилни дождови и поплави низ делови од североисточно Мексико, што веројатно ќе предизвика и поплави.

И додека некаде топло, а некаде има бури скијачката сезона во Чиле официјално е отворена. На падини на Вале Невадо, блиску до главниот град Сантијаго, во четвртокот имаше скијачи кои уживаа во снегот и неговата убавина.

Снегот ќе биде добредојден и за наводнување за неколку месеци на земјоделските кутури во овој регион, кој изминатите години бил погоден од суши, сметаат агроклиматолозите во Чиле.