Loading Video...
Свет
19. јуни 2024 - 12:12

Преглед на вестите од светот

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна синоќа во својата прва посета на Северна Кореја по 24 години, ветувајќи дека ќе ги подобри трговските и безбедносните врски со земјата и ќе ја поддржи во односите со САД.

Путин рече дека ќе ги подигне односите со Северна Кореја на повисоко ниво и вети безрезервна поддршка на таа земја, објави севернокорејската државна агенција КЦНА пред неговата посета.

Путин ги отвори разговорите со Ким велејќи му дека Москва ја цени поддршката на Пјонгјанг за Русија, вклучително и „правецот околу Украина“, објави руската новинска агенција Тасс.

Денешната агенда вклучува разговори еден на еден меѓу двајцата лидери, како и гала концерт, државен прием, почесна гарда, потпишување документи и изјави за медиумите, го цитираше руската новинска агенција Интерфакс, советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков.

Ким, во разговорите му рекол на Путин оти односите меѓу нивните две земји влегуваат во период на „нов просперитет“, кој не може ниту да се спореди со периодот на корејско-советските односи во минатиот век“,

Според него оваа посета е историски момент и има најважно стратешко значење во историјата на руско-корејските односи.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац кажа дека набрзо може да дојде до одлука за целосна војна со Хезболах и покрај американските предупредувања за спречување ескалација на конфликтот.

Американскиот претставник Амос Хохштај е испратен во Либан за да ги смири тензиите по сè почестите прекугранични престрелки долж либанската јужна граница, како и навестувањето на Хезболах дека би можеле да ја нападнат Хаифа, третиот по големина град во Израел. Хезболах минатата недела испука досега најголем број ракети и дронови кон израелски воени објекти, откако израелските сили убија нивен командант.

„Во отворена војна Хезболах ќе биде уништен, а Либан сериозно поразен“, додаде израелскиот министер. Израелската војска подоцна соопшти дека „оперативни планови за офанзива во Либан се одобрени и потврдени и дека се донесени одлуки за продолжување на засилувањето на спремноста на војската на терен“.

Израел ќе плати висока цена, но земјата е обединета и мора да ја врати безбедноста на жителите на северот, додаде Кац. Хезболах кажа дека нема да ги сопре своите напади ако не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.