Loading Video...
Свет
16. April 2024 - 12:29

Преглед на вестите од светот

Началникот на Генералштабот на израелските одбрамбени сили, генерал-полковник Херзи Халеви, во изјава од воздухопловната база Неватим, рече дека „ќе се одговори“ на иранскиот напад со ракети и дронови врз Израел.

- Иран сакаше да им наштети на стратешките способности на државата Израел, тоа е нешто што не се случило порано. Бевме подготвени за операцијата „Железниот штит“, рече Халеви. Гледаме напред, ги разгледуваме нашите чекори и ова лансирање на толку многу ракети, и дронови на територијата на државата Израел ќе наиде на одговор, истакна тој. Базата Неватим беше погодена во иранскиот ракетен напад, при што израелските сили пријавија мала штета на инфраструктурата. 

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси изјави дека е загрижен поради можноста од израелски напад врз иранските нуклеарни постројки, но и дека инспекциите на тие објекти ќе продолжат денеска. Тој наведе дека Иран на 14 април, еден ден по нападот врз Израел, ги затворил своите нуклеарни постројки „од безбедносни причини“. Тие беа повторно отворени вчера, а Гроси најави дека инспекторите денеска ќе продолжат со своите активности.

Њујоршкиот судија Хуан Мерчан кој го води кривичното дело против Доналд Трамп околу исплати на Сторми Дениелс, поранешна актерка во филмови за возрасни, во судот во Менхетн го отфрли барањето на експретседателот Мерчан да се изземе и да истапи од учество во процесот.

Барањето на Трамп за изземање на Мерчан е заснована на тоа што неговата ќерка која е исто така судија, работи во политичка консaлтинг фирма со клиенти демократи па тоа, според Трамп, создава конфликт на интереси.

Така, процесот синоќа продолжи со избор на порота од Њујорк која ќе го разгледува случајот на Трамп во кој тој е обвинет за фалсификување деловна документација со цел да се прикријат исплати извршени пред изборите во 2016 година во висина од 130.000 долари, а за неразгласување на наводна вонбрачна врска меѓу него и Дениелс.

Изборот на поротата може да трае неколку денови, и засега оди тешко - од 96 кандидати за поротници, половината беа отфрлени бидејќи се смета дека не можат да бидат фер и независни. Трамп изјави дека е невин и планира да сведочи во своја одбрана. Судскиот процес се очекува да трае месец и пол.