Loading Video...
Свет
3. March 2024 - 16:44

Преглед на вестите од светот

Бројот на загинати во вчерашниот напад со руски дрон врз Одеса се искачи на 10, откако спасувачите ги пронајдоа телата на уште една мајка и бебе.

Канцеларијата на јавниот обвинител потврди дека 8-месечното бебе е едно од трите деца што загинале во нападот.

„Чувствувам тага. Тага, а веројатно и некој гнев. Лута сум што Русите гледаат добро во сето ова, целиот свет гледа како ние умираме и тие не вложуваат никаков напор за да ни помогнат. А кон Русите чувствувам само гнев. Само гнев“ – жителка на Одеса

Зеленски рече дека можело да се избегнат жртви доколку Украина навреме ја добила испораката на оружје, а денескае прогласен за ден на жалост во Одеса.

Од друга страна, Русија соопшти дека уништиле 38 дронови лансирани од Украина над полуостровот Крим.

Британскиот товарен брод со вештачко ѓубриво што потона во Црвеното Море по напад на јеменските Хути носи еколошка катастрофа, предупреди американската Централна воена команда.

Бродот со 21.000 тони ѓубрива базирани на фосфати и амониум сулфат потонал откако бил погоден од балистичка ракета.

Американската команда додаде дека потонатиот брод претставува ризик оти другите бродови би можеле да го закачат под вода.

Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа, движењето Хути напаѓа бродови во Црвеното Море како поддршка на Палестинците, а ова е првиот што успеаја да го уништат.

Голема снежна бура зафати делови од американските сојузни држави Калифорнија и Невада.

Снегот ги затвори главните патишта и остави десетици илјади луѓе без електрична енергија

Ветровите достигнаа брзина од 305 километри на час, јавува „Би-Би-Си“. Тамошните жители беа предупредени на екстремно висок ризик од лавини.