Loading Video...
Свет
22. February 2024 - 12:20

Преглед на вестите од светот

Во пукотница која се случила на автопатот во предградието на Ерусалим едно лице го загубило животот, а осум други се повредени. Двајца од повредените се во тешка состојба соопшти израелската Национална служба за итни случаи и медицинска помош (MDA). Жртвите се здобиле со „различни повреди“ и биле евакуирани за медицинска помош.

Според полицијата престрелката е предизвикан од терористи:

„Тројца терористи кои пристигнале со возило, излегле од возилото и почнале да пукаат со автоматско оружје кон возилата кои стоеле во колона на патот кон Ерусалим“ – се наведува во соопштението. Безбедносните сили „неутрализираа“ двајца напаѓачи на местото на настанот и уште еден „кој се обиде да избега“, се додава.

Палестинското Министерство за здравство утрово соопшти дека изминатата ноќ загинале 99 Палестинци во Појасот Газа.

Израелската армија синоќа изврши нови воздушни напади врз Рафа, пред почетокот на разговорите во Каиро за воспоставување на примирје во енклавата.

Предвидено е специјалниот американски пратеник, Брет Мекгурк денеска да допатува во Израел по посетата на Египет, каде се водат нови разговори за примирје. Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер изјави дека САД сакаат да се постигне договор што е можно побрзо.

 

Рано утрово во 5:30 часот по локално време карго брод откорна дел од мостот во кинескиот град Гуангжу. По инцидентот пет возила и автобус за јавен превоз паднаа во водата. Во несреќата две лица загинаа, а едно е повредено, а три лица се водат како исчезнати, соопштија државните медиуми.

Снимките покажуваат дека дел од мостот е скршен, а бродот е заробен под него. Се чини дека бродот не превезувал товар.

Капетанот на бродот е приведен, а луѓето што живееле во близина се евакуирани. Според извештаите, компанијата што го поседува бродот соопшти дека соработува со истрагата. Локалните жители информирале дека водата и интернет услугата биле прекинати.

Гуангжу лежи на делтата на реката Перл и е едно од најпрометните пристаништа во Кина.