Loading Video...
Свет
23. јуни 2026 - 16:28

Преглед на вестите од светот

Продолжува острата реторика меѓу Трамп и иранскиот претседател и по потпишување на договорот за примирје. Иранскиот претседател на социјалната мрежа Икс напиша:

„Преговорите со Соединетите Држави ќе напредуваат доколку постои „целосна посветеност“, а не изјави кои излегуваат надвор од договореното“.

Коментарите на претседателот доаѓаат еден ден откако Трамп предупреди дека ќе направи се што е потребно, доколку Иран не се придржува до својата страна од договорот.

Трамп и неговиот ирански колега минатата недела потпишаа привремен договор, повеќе од три месеци откако САД и Израел го нападнаа Иран, а Иран одговори со сопствени напади врз Израел и заливските држави каде што има американски бази.

Вчера Соединетите Американски Држави ги укинаа санкциите кон Иран во траење од 60 дена.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека разговорите во Швајцарија поставиле добра основа за конечен мировен договор, иако Иран негираше дека неговата нуклеарна програма воопшто била тема на дискусија.

Нордиските држави стануваат се попривлечни за туристите бидејќи Европјаните периодов трпат топлотен бран.  Голем број на странски државјани бираат да уживаат во Шведска, Финска и Норвешка каде температурите тешко надминуваат 30 степени. 

„Размислувавме да патуваме во Хрватска, но дојдовме во Шведска затоа што тука е поладно“,  изјави германска туристка Катарина Рексинг во Стокхлом.

„На многу начини, ние отсекогаш сме биле дестинација за ладен одмор“, вели Осе Марте Хоригмо, директорка за туризам во „Иновација Норвешка“

Во Норвешка, 20% од странските туристи кои ја посетиле земјата минатото лето изјавиле дека ја избрале за да избегнат топлотен бран на друго место, а тој процент се искачува на 40% кога станува збор за посетители од Јужна Европа.  Шведска, Финска и Норвешка генерално дочекуваат повеќе странски туристи во споредба со минатото. 

За разлика од Нордиските држави, во Франција  само за неколку денови дури 40 луѓе се удавиле додека се обидувале да се разладат од рекордните горештини. Францускиот премиер свика итен состанок поради топлотниот бран кој се шири низ голем дел од Европа.