Преглед на вестите од светот
Граѓаните на Косово денеска гласаат на вонредни парламентарни избори, трет пат за помалку од година и половина. Денешниот изборен циклус доаѓа по редовните избори во февруари и предвремените парламентарни избори во декември минатата година.
На изборите учествуваат, 17 политички партии три коалиции и еден независен кандидат. Право на глас имаат вкупно нешто под 2,1 милиони избирачи.
Претходните два изборни процеси поминаа со тесни победи на партијата на Албин Курти. Еднаш не успеа да обезбеди мнозинство за Влада а вториот пат Собранието не успеа да изгласа Претседател. Тој и сега важи за фаворит на изборите.
Најголем конкурент на Курти му е Бедри Хамза од Демократската партија и поранешната Претседателка Вјоса Османи која го предводи демократскиот сојуз.
Најмалку 12 лица се повредени во пукање на фестивал во градот Толедо во среднозападната американска држава Охајо. Повредените се на возраст од 14 до 61 година, но најголемиот дел имаат едвај 20 години. Најмалку две лица се во критична состојба.
Според наводите на полицијата, пукотницата започнала нешто по 17:30 часот по локално време, а во инцидентот учествувале најмалку две вооружени лица кои наводно пукале еден кон друг.
Полицијата побара од граѓаните кои имаат фото и видео материјали да помогнат во истрагата.
Американската војска објави дека соборила два ирански дрона кои, според Централната команда на САД, претставувале закана за меѓународниот поморски сообраќај во Ормускиот теснец.
Иран ги повика Обединетите нации да преземат мерки поради, како што тврдат властите во Техеран, повторено кршење на примирјето од страна на САД. Според иранските власти, американските сили извршиле напади врз радарски и крајбрежни надзорни објекти во јужниот дел на земјата. Војната меѓу двете страни денеска влезе во својот 100ти ден.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
