Преглед на вестите од светот
Иран го достави својот одговор на најновиот предлог на САД до Пакистан, кој дејствува како посредник. Иранскиот одговор се фокусира на прекин на војната и обезбедување поморска безбедност во Персискиот Залив и Ормутскиот теснец. Официјален ирански извор го опиша одговорот како „прагматичен и позитивен“, ставајќи акцент на прекин на конфликтот во регионот, особено во Либан.
Одговорот ги опфаќа преговорите за Ормутскиот теснец, нуклеарната програма на Иран и целосното укинување на санкциите против Иран. Сегашната фаза на разговорите треба целосно да се фокусира на прекин на непријателските дејствија во регионот, според изворот.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф потврди дека Исламабад го добил одговорот од Иран. Извор од пакистанското Министерство за надворешни работи подоцна изјави дека одговорот е проследен до САД.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата на својата страница Truth Social објави пост: „Тукушто го прочитав одговорот од таканаречените „претставници“ на Иран. Не ми се допаѓа - тотално НЕПРИФАТЛИВО!“, без да образложува повеќе. Во друга објава на Truth Social, Трамп го обвини Иран дека „игра игри со САД и остатокот од светот, веќе 47 години“.
Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер наскоро може да ја посетат Русија за да продолжат со разговорите со руските претставници за украинското прашање, изјави во недела помошникот на рускиот претседател Јури Ушаков. Тој рече дека иако САД во моментов се повеќе фокусирани на кризата на Блискиот Исток, Русија и САД одржуваат активен контакт за украинското прашање преку телефон.
Сепак, тој исто така нагласи дека доколку украинските трупи не се повлечат од регионот Донбас, напорите за медијација за украинското прашање ќе останат во застој. Русија и Украина во петокот се согласија за тридневен прекин на огнот што ќе трае до 11 мај, како и за размена на затвореници од 1.000 за 1.000.
Виткоф и Кушнер последен пат ја посетија Москва на 22 јануари на разговори со рускиот претседател Владимир Путин за украинското прашање.
Демонстрантите во Белград побараа избори и оставка од претседателот Александар Вучиќ на протестот одржан во неделата. Неколку илјади демонстранти предводени од студенти маршираа низ српскиот главен град мавтајќи со знамиња и скандирајќи „студентите ќе победат“.
„За да го промениме овој систем, сè што е погрешно и што не е добро. Студентите нè разбудија, и им благодариме за тоа и им се поклонуваме длабоко, затоа што нè разбудија, затоа што молчевме и постојано се повлекувавме, и ова треба да продолжи додека не заврши.“
Немаше извештаи за насилство или судири со полицијата.
Најголемиот тркачки настан во светот, „Wings for Life World Run“, се одржа во недела со рекордни 346.527 учесници од 192 различни националности кои учествуваа на глобалниот настан кој поддржува пронаоѓање лек за повреда на 'рбетниот мозок. Беа поставени и нови рекорди кај мажите и кај жените.
Оваа година се одбележа 13-то издание на трката, со тркачи од 173 земји, а меѓу познатите лица беа поранешниот менаџер на Ливерпул и Борусија Дортмунд Јирген Клоп, возачот на Формула 1, Јуки Цунода, и поранешниот австриски тенисер Доминик Тим.
Гондолите се заштитен знак на Венеција, ова не беше трка или туристичка атракција, туку на овој начин навивачите на фудбалскиот клуб го прославија враќањето на клубот во Серија А, по само една година настап во понискиот ранг.
Прославите се одржува низ Големиот канал, а кулминираа со забава на плоштадот Свети Марко во Венеција.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
