Преглед на вестите од светот
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изрази оптимизам за изгледите за мир во Украина, навестувајќи дека понатамошен дипломатски ангажман би можел да ги следи напорите предводени од Москва и Вашингтон. Ваквиот коментар на Ердоган доаѓа по неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин во Туркменистан.
Во изјава за новинарите по враќањето во Турција, Ердоган изјавил дека Анкара се надева дека ќе соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп за да процени потенцијален мировен план.
„Мирот не е далеку, можеме да го видиме“, потенцирал Ердоган.
Тој додава дека неговата средба со Путин се фокусирала на тековните конфликти и дипломатските иницијативи, особено оние што се започнати со учество на претседателот Трамп, а рече и оти сите страни вклучени во мировниот процес јасно ја разбираат позицијата на Анкара.
Во текот на ноќта, руските сили извршија низа напади врз украинска територија, при што беа оштетени повеќе од десетина цивилни објекти, а илјадници жители останаа без електрична енергија во седум региони, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Важно е сите сега да видат што прави Русија, бидејќи е јасно дека таа не е насочена кон завршување на војната – вели Зеленски, додавајќи дека Русите сè уште имаат за цел да ја уништат Украина и да предизвикаат најголемо страдање на украинскиот народ.
Русија потврди дека нападнала украински цели користејќи хиперсонични ракети, но засега не даде детали за евентуални цивилни жртви. Овие напади се дел од продолжената офанзива што ја водат руските сили, која предизвикува растечка загриженост за безбедноста на цивилното население и инфраструктурата.
Најмалку 14 лица загинаа во Појасот Газа во последните 24 часа, откако куќите се урнаа, а шаторите во кои се сместени раселените семејства беа поплавени за време на силната зимска бура, соопшти во петокот Цивилната одбрана на Газа.
Меѓу жртвите се три деца кои починале од хипотермија, додека други биле пронајдени под урнатините на куќите уништени од обилните дождови и силните ветрови, особено во градот Газа и северните области на енклавата
„Ја поминавме ноќта туркајќи вода надвор, плашејќи се дека ќе ни го поплави шаторот. Мојата мала ќерка воопшто не можеше да спие синоќа поради студот.“
Појасот Газа од средината на неделава е погоден од силни бури и студено време, поради што огромен број од раселените се соочуваат со бројни проблеми..
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
