Преглед на вестите од светот
Грчките земјоделци се судрија со полицијата во неделата за време на протестите во централните и северните региони поради доцнењето на исплатата на субвенциите од Европската Унија, предизвикано од истрагата за корупциски скандал што ја потресе земјата. Стотици земјоделци излегоа на патиштата, блокирајќи ги патиштата со своите трактори во неколку области за да протестираат против конзервативната влада поради проценетиот недостаток од 600 милиони евра во помошта од ЕУ и други исплати.
Во Никаја, земјоделците и полицијата се судрија, додека некои демонстранти се обидуваа да соборат полициски автобус, а можеше да се слушне и звук од испукување солзавец. Европското јавно обвинителство (ЕППО), кое истражува кривични дела против финансиските интереси на ЕУ, соопшти дека оваа година пронашло докази дека грчките земјоделци, потпомогнати од државни службеници, ги злоупотребиле средствата од ЕУ.
Илјадници демонстранти маршираа низ Загреб и три други хрватски градови во текот на вчерашниот ден против она што го нарекоа растечки фашизам и нетолеранција во општеството. Демострациите организирани од иницијативата
„Обединети против фашизмот“ собраа десетици организации и поединци. Полицијата ги обезбедуваше демонстрантите додека тие се упатуваа кон плоштадот Бан Јелачиќ во Загреб без инциденти. Протестите беа предизвикани од неодамнешните напади врз припадници на српското национално малцинство за време на прославите на Денот на српската култура. Локалните медиуми објавија дека протестот во Риека бил прекинат од неколку десетици контрадемонстранти кои фрлале петарди и упатиле фашистички поздрави, но полицијата спречила ескалација.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека очекува преговорите со украинските претставници да донесат „натамошен напредок“ кон постигнување договор за прекин на војната во Украина. Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, претходно објави дека преговорите со САД се започнати и изрази позитивни очекувања од новата средба со американската делегација во Мајами, нагласувајќи дека разговорите особено ќе се однесуваат на безбедноста на Украина и нејзината иднина. Тој додаде дека останува во постојан контакт со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој пак имал одделни телефонски разговори со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На 23 ноември, претставници од Украина, САД и Европа се состанаа во Женева за да разговараат за мировниот план предложен од Вашингтон за завршување на војната во Украина. По преговорите, страните потврдија дека секој иден договор треба целосно да го почитува суверенитетот на Украина и да гарантира траен и праведен мир.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е оптимист во врска со можноста за мировен договор меѓу Русија и Украина по разговорите меѓу американските и украинските делегации во Флорида. Трамп, исто така, рече дека корупцијата во Украина не помага во мировните преговори.
Бројот на жртви од разорниот пожар што го зафати станбениот комплекс Ванг Фук Корт во Хонг Конг минатата недела повторно драстично се зголеми. Локалните медиуми, повикувајќи се на податоци на полицијата, наведуваат дека досега се пронајдени телата на 146 лица, што е значително повеќе од претходно објавените 128. Спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат опожарените станбени кули, а околу 100 лица сè уште се водат за исчезнати. Пожарот се прошири низ седум од осумте кули и целосно беше изгаснат.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
