Loading Video...
Свет
13. November 2025 - 12:22

Преглед на вестите од светот

Дијана Хрка, која штрајкува со глад во Белград, е примена во приватна клиника каде што примила инфузија поради влошена здравствена состојба. Нејзиното излегување од шаторот предизвикало загриженост кај собраните граѓани, кои веќе денови се плашат за нејзиното здравје. По краткиот престој во болницата, Хрка е пуштена и повторно се вратила во шаторот на Таковска улица, каде што продолжува со својот штрајк. Еден од ветераните кои ја придружувале изјавил дека нејзината состојба е стабилна и дека „сè е во ред“, но дека Дијана нема намера да го прекине протестот.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г7 на последниот ден од состанокот во Нијагара, истакнаа дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да вршат притисок врз Русија. На состанок присуствуваше и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха, кој ја повика Г7 да продолжи да вложува во производство на ракети и дронови.  Украина сака да види крај на војната што е можно побрзо. Рускиот претседател Владимир Путин и понатаму се залажува, мислејќи дека може да победи, истакна Сибиха. Г7 инсистира на добивање мандат од Советот за безбедност на ОН за да се обезбеди брзо спроведување на мировниот план за Појасот Газа

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, изјави дека земјата нема да го спроведе пактот за миграција на Европската Унија „сè додека има национална, патриотска Влада“ во таа земја. Тој нагласи дека Унгарија нема да прифати мигранти и дека нема да им даде ниту еден евро.

Пактот за миграција и азил е збир на правила на ЕУ што треба да започне да се применува од јуни 2026 година, а неговата цел е да создаде ефикасни и унифицирани процедури за управување со пристигнувањата, да обезбеди праведна распределба на товарот меѓу земјите членки и да воспостави солидарност, истовремено заштитувајќи ги основните права на мигрантите.