Loading Video...
Свет
4. December 2024 - 12:33

Преглед на вестите од свет

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол вчера воведе воена состојба, па ја укина откако парламентот гласаше против декретот. Јун соопшти дека воведува воена состојба за да се спротивстави на „антидржавните сили“ меѓу неговите противници.

Одлуката на претседателот предизвика најголема политичка криза во четвртата по големина економија во Азија.

Во телевизиско обраќање во вторникот претседателот рече дека на нацијата е потребна воена состојба за одбрана на земјата од нуклеарно вооружената Северна Кореја и просеверните антидржавни сили, како и за заштита на нејзиниот слободен уставен поредок, иако тој не наведе конкретни закани.

По изјавата на Јун, избувнаа хаотични сцени кога војниците со шлемови се искачија во зградата на парламентот преку скршени прозорци и воени хеликоптери ја следеа ситуацијата.

Во брза реакција неколку часа по декларацијата, јужнокорејскиот парламент, со 190 од 300 присутни членови, едногласно го усвои предлогот со кој се бара укинување на воената состојба, вклучувајќи ги сите присутни 18 членови од партијата на Јун. Претседателот потоа ја укина декларацијата.

Министрите во јужнокорејската Влада се подготвуваат да поднесат колективна оставка, јави јужнокорејскиот весник „Чосун Илбо“.

Коалицијата на пратеници од опозициските партии изјавија дека планираат да предложат предлог-закон за отповикување на Јун во среда денеска кој треба да биде изгласан во рок од 72 часа.

Русија во вторникот соопшти дека зазела уште две населби во Украина во изминатите 24 часа, додека за Украина дека ситуацијата на фронтот и понатаму е напната. Руските трупи продолжија со нападите над украинската работна сила и опрема во западниот регион Курск.

Руската морнарица и воздухопловните сили лансираа високопрецизни ракети базирани на море и воздух во источниот дел на Средоземното Море како дел од заедничката воена вежбa. 

На Украина и требаат силни безбедносни гаранции и праведен мир, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, додавајќи дека Киев сам ќе одлучи кога да ги започне преговорите со Русија.

„Кога зборуваме за мир, тоа мора да биде праведен мир. Тоа не смее да биде замрзнување на конфликт што води само до дополнително вооружување и дополнителни напади врз Украина или дури и други европски земји“, рече Баербок на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Либанските семејства раселени во Ирак поради конфликтот меѓу Израел и Хезболах почнаа да се враќаат во своите домови во јужен Либан по неодамна постигнатиот прекин на огнот. Повеќе од 20.000 Либанци побарале засолниште во Ирак од избувнувањето на војната, 

Претставниците на аеродромот во Наџаф рекоа дека околу 800 Либанци заминуваат за Бејрут секоја недела, додека други користат автобуси обезбедени од владата за да патуваат до граничниот премин Каим со Сирија, а потоа за Либан.