Македонија
25. February 2024 - 16:31

Предлогот да се избира претседател во Парламент е предизборна кампања, за академската фела неприфатливо барање

Ќе биде ли услов за коалиција на Влада предлогот на албанските партии, претседателот на државата да се избира со двотретинско мнозинство во Парламент. Од Академската фела сметаат дека на овој начин парламентот ќе добие преголема моќ што на долги стази може да биде причина за чести политички кризи во државата.

Според професорот Спасеновски има 6 групи на причини зошто досегашниот непосреден начин за избор на претседател треба да продолжи и натаму. Застапеноста е разновидна, овозможува стабилност и континуитет во лидерсртвото, поголем е легитимитетот со народниот мандат кој го добива шефот на државата кој претставува симбол на единството на населението.

Овој начин на избор на претседател не е новина и го има во нашето опкружување но сепак аналитичарите оваа инцицијатива ја оценуваат како склоп од предизборните ветувања и кампања на политичките партии. Како парламентарна држава Селими вели нема ништо спорно токму народните избраници да делегираат претседател, кој според нашиот систем има повеќе церемонијална улога отколку суштинска. На тој начин вели можеби и ќе се заштеди повеќе од буџетските средства но за ова прашање треба да има аргументирана дебата дури по изборите.

Предлогот за парламентарно да се избира претседател доаѓа од ДУИ по втор пат, но го истакнаа како потреба и од алијанса за Албанците. Речиси  за сите останати партии е неприфатлив. Од СДСМ сметаат дека тоа е чекор назад во демократските процеси, ВМРО ДПМНЕ го оцени како национал- романтистичко барање во недостиг на реални аргументи. Против се и помалите партии.