Бизнис
19. July 2021 - 16:48

Предлог законот за ,,недела неработен ден‘‘ го помина првиот собраниски филтер

Недела неработен ден го помина првиот собраниски филтер. Предлог законското решение ги раскара власта и опозицијата на комисиската расправа. За опозицијата станува збор за козметичко решение кое веќе е дефинирано во колективните договори, но во пракса не се почитува. Стравуваат дека носењето ќе предизвика нови отпуштања. 

За власта законското решение е во корист на работниците кои во недела ќе можат да бидат со семејството. Исклучок ќе бидат 42 дејности кои се неопходни да функционираат.

Од ССМ пак се пожалија дека не биле поканети на седницата за да може во името на работниците да ги пренесат нивните ставови. Власта пак тврди дека само доколку има јавна расправа може и тие да пристувуваат. Истовремено токму владејачкото мнозинство го одби предлогот на опозицијата да има јавна расправа.

Инаку недела треба да стане неработен ден од први октомври. Меѓу дејностите кои ќе бидат исклучок и ќе можат да работат, се моловите но не и маалските дуќани и супермаркети. Работниците во трговијата ќе добијат 100 отсто повисока дневница, а останатите за најмалку 50 %. За нив ден за неделен одмор ќе биде друг ден во неделата во договор со работодавачот.