Македонија
21. September 2025 - 16:48

Предизборие: Критики за опонентот, пофалби за своите кандидати

Критики за противникот, пофалби за своите кандидати. Се вжештува реториката меѓу најголемите партии за локалните избори. 

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се труди да испраќа смирувачки тонови за кампањата, но и дека нормално е во предизборие да има меѓусебни критики. Не се сомнева дека ги понудил најдобрите кандидати за градоначалници и советници, па резултатот на изборите е познат – победа на власта.

Спротивно на него, опозицискиот лидер Венко Филипче, со порака дека ВМРО-ДПМНЕ нуди само ароганција и лаги, додека СДСМ настапува со чесни и компетентни кандидати на овие избори.

„Оваа власт е се подалечна од народот. Арогантна и самозадоволна, додека семејствата бројат денови до следната плата и ги кратат основните трошоци... СДСМ на овие избори оди со чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет. Граѓаните ќе бираат помеѓу докажани луѓе во општините кои ги предлага СДСМ и гол ПР на ВМРО-ДПМНЕ без никакви резултати. Ние сме подготвени да работиме сериозно, транспарентно и секогаш со слух и емпатија за граѓаните. Тоа го докажавме во минатото, ќе го докажеме и сега. Државата и општините може да се вратат на вистински пат само со луѓе кои си стојат на зборот и не бегаат како кукавици при првата криза,“ говорел Филипче синоќа пред стружани.

Во меѓувреме, по пораките на Мицкоски и Меџити дека овие локални избори нема да предизвикаат парламентанри избори и покрај притисокот од опозициската ДУИ, од партијата на Ахмети со коментар дека албанскиот глас  ќе ја одреди иднината на државата.

„Секој ден кога повторува дека „нема да има предвремени избори“, Мицкоски всушност признава една горчлива вистина: тој е свесен за неминовниот пораз што го очекува неговиот политички проект и неговиот албански вазал, ВРЕДИ. Овој страв не е случаен. Албанците јасно разбраа дека ВРЕДИ не е нивниот избор, туку инструмент на Мицкоски за да ги држи Албанците покорени. Кандидатите на ВРЕДИ немаат никаква легитимност, затоа што се инсталирани од ВМРО и се само фасада на една антиалбанска политика што има за цел да ги врати Албанците назад, во периодите пред 2001 година.“,  коментираат интегративците. 

Од Вреди коментираат дека обивнувањата се сламка за спас на ДУИ.

„Лага број 1: ДУИ е единствен легитимен претставник на Албанците!  Тогаш зошто на престојните локални избори ДУИ најголемиот број на Албански општини ги отстапи на други кандидати? Зошто “легитимниот” ДУИ се крие зад коалиционите партнери ?“, прашуваат од Вреди. 

ДИК до утре попладне пак ќе го објави конечниот список на потврдени кандидати за градоначланици и советници што ќе влезат во изборната трка. До Општинските изборни комисии беа поднесени 312 кандидатури за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници во 80 општини и Град Скопје. Најголем дел од пријавените кандидати веќе се потврдени, се чекаат податоци од неколку судови. 

Избирачкото ливче ќе биде познато најдоцна до четврток, а официјалната кампања започнува на 29 септември и трае 20 дена.