Македонија
4. November 2016 - 15:53

Предавачи од виенската Клиника за гинекологија и акушерство пренесуваат искуства на доктори од ГАК

Презентација на предикција на предвремено породување во текот на рана бременост, предавања за ембриоскопија кај губитоци на бременост и претставување на Универзитетската клиника за  гинекологија и акушерство при Општата болница т.н. АКH од Виена, oдносно Универзитетот во тој град, се одржуваaт на вториот симпозиум што денеска го организира Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство - Скопје.

Учествуваат шест предавачи од АКH, која е една од водечките институции во областа на гинекологијата и акушерството и со која Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство - Скопје, почнала соработка уште минатата година. На симпозиумот предавачите ќе ги презентираат резултатите од АКH и ќе ги споделат нивните искуства со нашите доктори.

- Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство интензивно работи на нејзина меѓународна афирмација, како и воспоставување меѓународна соработка со врвни центри во областа на гинекологијата и акушерството во Европа и пошироко, рече директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство - Скопје, Марија Хаџи - Лега и додаде дека на нивна покана ја посетиле Клиниката за гинекологија и акушерство во Виена, каде ги презентирале резултатите во областа на перинатологија и инфертилитет.

Таа изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи во смисла на заеднички научно-истражувачки студии, како и престој на наши доктори на клиниката во Виена во период од еден месец.

Директорот на Универзитетската клиника за  гинекологија и акушерство при Општата болница т.н. АКH од Виена, Петер Хуслеин рече дека претставува предизвик да се запознаат со гинекологијата и акушерството во Македонија и истовремено да ги пренесат нивните искуства. Изрази надеж дека ова ќе биде плод на некоја соработка која ќе трае со години натаму.

Одговарајќи на новинарско прашање Хаџи - Лега рече дека во рамки на престојот на Клиниката во Виена, презентирале нивни искуства во поглед на предвремено породување и негова предикција во нашата земја во поглед на деформитети на матка кои се причини за инфертилитет и рано откривање и предикција на преекламсија кај високо ризични пациентки.

Одговарајќи на новинарско прашање Хуслеин рече како и во многу други земји така и во нивната земја и на нивната Универзитетска клиника постои тренд на пораст на предвременото породување и тоа најчесто се должи на фактот на возраста на која настапува бременост кај женската популација. Нагласи дека најчесто тоа е одложена возраст кај постара женска популација, како една од причините, а втора причина е примената на репродуктивните техники односно биолошки потпомогнато оплодување кое резултира најчесто со мултипна бременост, кај која е зголемен ризикот од предвремено породување.

Глобално, посочи, стапката на предвремено породување е околу 10 проценти и има подобрување на резултатите во однос на гестациските недели кога се зборува за предвремено породување под 37 гестациска недела.

- Значи глобално има подобрување меѓутоа проблем претставуваат оние бремености кај кои породувањето се завршува пред 28 гестациска недела. Имаме подобрување на тој план во поглед на преживувањето. Ако пред неколку години преживувале многу малку во 28 гестациска недела сега границата е поместена, па дури и на 25 и 24 гестациска недела, додаде Хуслеин.

Одговарајќи на новинарско прашање Хаџи - Лега рече дека во поглед на процентот на предвремено породување сме слични во бројките на глобално ниво. Посочи дека во поглед на бројките на предвремено породување, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, тоа изнесува 17 проценти.

Нагласи дека најголем процент на смртност бележат кај новороденчињата под 28 гестациска недела.

- Интензивно се работи на национално ниво да имаме база за перинатален морталитет со кој би можеле официјално да се споредуваме и правилно да се споредуваме со останатите европски земји во светот, бидејќи би имале еден непрочистен морталитет кој ќе ги опфаќа породувањата од 22 до 28 гестациска недела кај кои очекувано е многу висок морталитетот. Минатата година 40 проценти завршиле со смртен исход меѓутоа останатите преживеале. Сепак и ние имаме подобрување меѓутоа можеме да бидеме уште подобри, а за споредување би ги користеле преживувањата после 28 гестациска недела, додаде Хаџи - Лега.