Пред утрешната средба, Мицкоски бара Таравари јасно да каже дали соработува со Ахмети
Неприфатливо е Таравари да има соработка со Ахмети за локалните избори. Премиерот Мицкоски го предупреди лидерот на Алијанса на Албанаците пред утрешата средба. На состанокот ќе треба да се пресече дали Таравари останува во Владата или ќе замине во опозиција откако најави самостоен настап на локалните избори, но и неговите доскорешни партнери Меџити, Касами и Ибрахими ја формираа партијата Вреди без него.
„Ако не се лажам тоа ќе биде утре, но треба да го погледнам распоредот. И на таа средба јасно сакам да слушнам став кој и медиумите ќе го слушнат, дали е точно дека има договор меѓу партијата на Арбен Таравари и Демократската унија за интеграција дека во најмалку 5 или 6 општини каде тој ќе извади свои кандидати, а ДУИ нема да извади свои кандидати за градоначалници, што прво значи себе понижување како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа е е неприфатливо за мене како претседател на Владата“, изјави Мицкоски.
Таравари за Сител, негира некаков договор со Ахмети за меѓусебна, макар и тивка поддршка во одредени општини за локалните избори.
„Немаме никаков договор. Кога ќе имаме јавно ќе кажеме“, ни пиша лидерот на Алијанса.
И Ахмети пред два дена рече дека се уште нема договор за некаква распределба на општини со Таравари иако имал средби со него, но не исклучи дека тоа и нема да се е случи. Напротив, Ахмети не криеше дека е задоволен од тоа што Алијанса повеќе не е дел од Вреди.
Состојбата во владината коалиција ја следи и опозициската СДСМ.
„Не, не сум имал средба со Таравари... Кога еден дел од владината коалиција се отцепува тоа е знак дека таа коалиција е нестабилна. Но, еве да почекаме, да видиме како ќе се одвива тој процес. Има различни информации, најави. Следи очигледно еден многу динамичен период“, изјави Филипче.
До сега алабанската владина коалицијата Вреди броеше 14 пратеника. Од нив Таравари располага со 5. По формирањето на партијата Вреди, Касами веќе најави дека останатите 9 пратеници ќе формираат нова група со нов координатор во парламентот. И од ВМРО-ДПМНЕ и од Вреди велат мнозинството е стабилно и без Алијанса, па предвремени избори ќе нема, вели премиерот.
Иако изборите се во октомври кандидатите и на власта и на опозицијата ќе бидат познати за неколку недели од сега.
Листа на кандидати се крои и во Вреди. Веќе излегоа неофицијални информации дека министерот Лимани е можен кандидат за Кичево, а за нов мандат остануваат како фаворити и Висар Ганиу во Чаир и Касами во Тетово.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар