Православните христијани го слават Христовото раѓање
Православните верници денеска го празнуваат најубавиот ден, Христовото раѓање - Божиќ. Верниците со едноставни пораки за љубов, хуманост и пред сè добро здравје.
Пораки за мир, спокој и добро здравје упати Архиепископот Охридски и Македонски, Г.г. Стефан, кој служеше на Божиќната литургија во Соборниот храм. МПЦ бара поголема грижа и внимателност при решавање на наметнатите прашања. Ова е втор Божиќ во пандемиски услови, а Црквата им порача на верниците да не губат надеж.
На литургијата присуствуваа и дел од политичарите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им го честиташе Божиќ на верниците.
Честитка упати и премиерот во оставка Зоран Заев, за кого Христовото раѓање е симбол на заедништво, семејна хармонија и безусловна љубов.
„Токму во заедништвото и дарувањето безусловна љубов е нашата заедничка сила, нашата надеж дека создаваме благосостојба, сигурност и единство за секого подеднакво. Со пораката „Христос се роди!“, да продолжиме да ги негуваме заедничките вредности, да си посакаме мир, спокој и радост во срцата, да празнуваме заедно со најблиските. Честит Божик!“, пораќа Заев.
Божиќна честитка испрати лидерот на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски.
„Ви го честитам големиот празник, раѓањето Христово – Божиќ. Нека вашите домови бидат исполнети со радост, спокој и мир. Христовото раѓање симболизира нови почетоци, нова надеж, победа на доброто врз најголемите искушенија, а во духот на човековите христијански вредности повикува на меѓусебно почитување, толеранција и помагање“, напиша Ковачевски.
Порака испрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Божиќ е празник на надежта и вербата за нов почеток на животот и во овој дух, славејќи заедно за да ја обновиме вербата и посветеноста на општото добро на животот за сите наши граѓани, правејќи го секој од нас уште подобар и покорисен за нашето општество“, порача Ахмети.
Инаку, на Бадниковата вечер најсреќни беа децата на повеќето припадници од политичкиот врв. Во Вила Водно паричката се падна кај синот на претседателот Пендаровски, Огнен. Во домот на Христијан Мицкоски најсреќен бил постариот син Јован, а паричката се падна и кај синот на градоначалничката на Скопје, Мартин. Кај Димитар Ковачевски паричката се падна во домот.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
