Правда мора да има - протест за загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Четврта сабота по ред, родителите, роднините и граѓаните на Кочани го искажаа револтот поради трагедијата во дискотеката „Пулс“, која однесе 62 млади животи, а близу 200 се повредени. Со протестен марш по улиците во централното градско подрачје, уште еднаш потсетија за трулоста на системот и побараа транспарентна истрага која ќе ги седне на обвиннителна клупа вистинските виновници.
- Сите вие кои сте одговорни за системот во државата, кои мудро ја одбегнувате одговорноста за најголемата трагедија во европски рамки што се случи во Кочани, ние родителите на починатите деца, би сакале барем за миг да бидете во наша кожа, да можете да ја почувствувате раскинувачката болка која ние ја чувствуваме, можеби тогаш ќе ја сфатите сериозноста и болната ситуација во која се наоѓаме. Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници на монструмот, ако убиените деца, беа ваши деца, прашува мајка на загинато дете
Нивната борба за вистината ќе продолжи, а болката и разочараност е нивна секојдневна реалност. Но, заради љубовта и посветеноста кон нивните деца и за сите идни генерации, порачаа дека ќе бидат истрајни до крај.
- И претходно и сега и во иднина, ве потсетуваме дека нема да застанеме тука. Ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните не реализирани соништа, за насилно преќаината младост, додаде мајката
Единствена водилка за овие протести им е правдата, која мора да биде задоволена, а сите сочуесници во злосторот да одговараат пред законот, порачаа родителите.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар