Македонија
11. August 2017 - 14:07

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за министерот Дураки

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ денеска во Собранието на Република Македонија поднесоа интерпелација за министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки.

Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието обвини за негрижа и неодговорност за животната средина од страна на новата Влада и министерот Садула Дураки посочувајќи на проблемот со пожарот на депонијата во Струга и дивите депонии во Тетово и Куманово, како и кратењето средства од Буџетот за рехабилитација на деца кои биле жртви на загадувањата во нивните средини. Според неа, за сето ова ниту една институција не им излегла во пресрет на граѓаните бидејќи за Владата и МЖСПП приоритет, вели, биле партиските вработувања и назначување директори и функционери во институциите.

- Игнорантски однос од страна на првоповиканиот, министерот Дураки, е повеке од иритирачки и е доволен показател дека овој министер не може да се носи со функцијата Министер за животна средина и просторно планирање и затоа треба да ја напушти за да не се дозволи уште поголеми еколошки катастрофи да се случат на територијата на Република Македонија кои би можеле да резултираат дури и со несогледливи последици врз здравјето на граѓаните и животната средина, рече Затуровска.

Таа потсети дека како пратеници на 15 јуни годинава побарале информација за состојбата со дивата депонија во Струга и итна и посебна собраниска седница на која ќе се расправа за овој сериозен проблем, но не наишле на разбирање од парламентарното мнозинство.

Министерот Дураки, посочи таа, исто така е директно одговорен и за укинувањето на средствата за рехабилитацијата на децата од Велес, Кавадарци, Илинден, Осломеј и Возарци како последица од загадувањето на животната средина во овие места, која годинава требаше да се одржи по 16 пат. Средствата, вели, биле определени со буџетот за 2017 година, но се укинати со ребалансот на буџетот, што е, вели, неодговорно однесување на министерот Дураки и на СДСМ. 

Ова е четврта интерпелација поднесена од пратничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Досега тие побараа гласање на недоверба и за министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за финансии и за надворешни работи.