Македонија
5. May 2021 - 13:19

Пратениците гласаа за заостанатите точки 30-та и 34-та седница

Пратениците денеска во рамки на продолжението на 30-тата седница изгласаа дваесетина закони за коишто расправата беше завршена претходно, а потоа продолжија со изјаснување за закони од 34-та седница. На 30-та седница не се изгласани само два закони и тоа Предлог на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште, во прво читање.

Во рамки на 30-та седница донесени се измените на Законот за употреба на знаковниот јазик, измените и дополнувањат на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување,на Законот за заштита од вознемирување на работно место, измени на Законот за практиканство, измени и дополнувања на Законот за волонтерството, на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, измени на Законот за вработување на инвалидни лица, измени и дополнувања на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, сите по скратена постапка, како и Предлог на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија и  Предлог на закон за дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка. Исто така на оваа седница се и измени и дополнувања на Законот за аудиовизуелните добра, на Законот за музеите, на Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата и на Законот за издавачката дејност, сите по скратена постапка.

Собранието продолжи со гласање по точките од дневен ред на 34-та седница на која на дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за прекршоците, на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, сите во прво читање, финансиските планови на МРТ, автентични толкувања и други.

Предлог на закон за ратификација на Договорот меѓу страните на Северноатлантскиот Договор за безбедност на информации, како и повеќе други точки се на дневен ред на 39. седница.

На оваа седница на дневен ред се и одлуки за именување член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, за распишување јавен оглас за избор на здруженија од областа на човековите права, полициското право и правосудството, за објавување јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, за јавен оглас за именување на член на Државната комисија за жалби по јавни набавки, јавен оглас за именување член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, јавен оглас за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво, јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и за објавување јавен оглас за назначување на претседател и членови на Советот за граѓански надзор.

Пратениците на оваа седница треба да се изјаснат и за Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта, по скратена постапка, како и за Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор КОВИД-19 одговор на Македонија – Развојната банка на Македонија АД Скопје, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Македонија АД Скопје и за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот COVID -19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, двата по скратена постапка. На дневен ред се и други закони.