Македонија
22. March 2024 - 16:52

Познати се сите носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ќе ги открие утре

Поранешната пратеничка на СДСМ во три мандати, Весна Бендевска ќе биде носител на петтата изборна единица на ЗНАМ. Партијата на Максим Димитриевски денеска ги објави имињата за сите шест единици, а меѓу нив, освен Бендевска, има помалку звучни имиња. 

„За носители на листите се кандидирани луѓе кои се нови во политиката, стручни во областите во кои што работат, чесни, луѓе со карактер и вистински вредности, но и луѓе кои веќе имаат политичко искуство, со чист образ“ – Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ

Носителите на листи за парламентарните избори, ЗНАМ ќе ги претстави на конвенција во недела.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ објави дека носител во петката ќе биде Ѓорѓија Сајковски.

„Тој долги години беше еден од најуспешните претседатели на Општински комитети во ВМРО-ДПМНЕ, го водеше Општинскиот комитет во Кичево кој секогаш постигнува фантастични резултати за ВМРО-ДПМНЕ. Како генерален секретар е дел од оваа нова приказна на ВМРО-ДПМНЕ која ќе значи убедлива победа на претседателските и парламентарни избори“ - Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ 

Oстанатите носители се веќе познати: Мицкоски во Првата, Мисајловски во Втората, Ковачки во Третата, Николовски во Четвртата и Дафина Стојановска во Шестата изборна единица. Ќе бидат потврдени на партиски настан следниот викенд.

За разлика од останатите партии, СДСМ се уште не открива имиња. Тоа ќе го направи на конгресот закажан веќе за утре. Засега познато е само дека лидерот Ковачевски ќе трча во кецот, а во некоја од изборните единици ќе оди и Лукаревска

Од друга страна, течат роковите за претседателските избори. Откако кандидатурите беа официјално потврдени, учесниците до 4 април не смеат да трошат средства од трансакциската сметка наменета за изборна кампања и имаат право на еден јавен натан за промоција на нивните програми. 

СДСМ повторно обвини дека Силјановска Давкова не ги собрала потребните граѓански потписи за кандидатура.

„Ништо не е променето во ДПМНЕ, тоа е истата партија од минатото која функционира со ширење невистини. ДПМНЕ, помпезно на прес конференции се фалеа дека за неколку часа биле собрани потписи, и тоа повеќе од потребните. Но, се покажа дека не е така“ - Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ

Гласачкото ливче за Претседателските избори ќе има 7 имиња, а нивниот реден број ќе се знае најдоцна до четврток кога треба да се одржи жребување во Државната изборна комисија.