Бизнис
2. August 2021 - 16:51

Позитивни пораки и оптимизам од државниот врв за македонско-бугарските односи

Спорот со Бугарија не изостана на денешните илинденски говори. Македонските политичари не го заборавија каменот на сопнување на европскиот пат, порачувајќи дека само взаемниот дијалог и почитување ќе донесе решение за отворените прашања.

Премиерот Заев од Пелинце уверуве – градиме отворен Балкан, а во него многу брзо ќе ја отстраниме оваа пречка.

“Јас сум уверен дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Северна Македонија Заедно ќе го обезбедиме тоа, бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери, кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат, во интерес на своите народи“, вели Заев.

Како што преку Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа решивме тешки прашања, така и преку Договорот за пријателство ќе ги надминеме и разликите со нашиот сосед Бугарија, вели министерот Османи.

“Илинден е важен ден и за нашите соседи во Република Бугарија. За жал во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка која ќе спојува и обединува. Во денешниот современ контекст, наша обврска е од Илинден да направиме токму тоа – точка која ќе нѐ поврзе, празник кој ќе не обедини”, рече Османи

Претседателот на Собранието констатира и покрај тоа што донесовме тешки, државнички одлуки кои го деблокираа евроатлантскиот пат, работите повторно се усложнија.

“Спорот со Република Бугарија, го отежнува нашето чекорење кон европското семејство, иако бевме и се уште сме отворени за искрен дијалог, поучени од нашето долгогодишно искуство со друга соседна земја дека, единствено отворениот дијалог е вистинскиот начин за постигнување на взаемно прифатливи решенија, истакна Џафери

Лидерот на опозицијата, пак, го обвини премиерот дека не е способен да ја исполни нашата најголема стратешка цел, членството во Унијата и повика на почитување на црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата.

“Спорот со Бугарија не е натпревар на 100 метри, ниту тезга за некаков бостан, тоа е она што сме, нашиот идентитет, огледало и битие. Во тој идентитет се содржани и илинденската епопеја, и Рацин, и Мисирков, и нашите најубави поеми, литература и уметничко творештво”, рече Мицкоски

Илинден во земјава денеска го одбележи и бугарската делегација. Тие венец положија само пред споменикот на Карев, а не беа присутни на церемонијата пред спомениците на Ченто и АСНОМ.