Пожарот во околината на Сарај сè уште активен
Пожарот во околината на Сарај е сè уште активен. Корењата горат подземно и предизвикуваат нови проблеми бидејќи одново ја разгоруваат шумата и таму каде што веќе е изгаснат огнот. Од Центарот за управување со кризи информираат дека 10 полициски специјалци, придружени од француски инструктори, се на терен и рачно ги гаснат жешките точки.
“Но, по нивното симнување долу, повторно забележавме чад на неколку места за да со паѓањето на ноќта повторно се развие пожар на една точка, кој што почна да се спушта надолу. Токму од тие причини за утре договоривме 30 припадници на специјалната единица со соодветна опрема заедно придружувани со француските експерти, но и со 4 французи кои што работат со специјални дронови за пожари со термални камери, кои што може да го откријат и оганот кој што е под земја. Tреба да ги најдеме овие жешки точки кои се невидливи од хеликоптер”, вели Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Покрај скопскиот, сè уште е активен и пожарот во Демиркаписко. Таму се дејствува со два армиски хеликоптери бидејќи теренот е непристапен, но Ангелов смета дека не може да се рашири неконтролирано и не претставува опасност за околните населени места. Во меѓувреме, локализирани се пожарите во скопско Дивље и во Виница.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
