Македонија
23. March 2022 - 10:44

Повторно запалена градската депонија во Делчево

Густ чад и мирис на изгорено утрово се шири низ Делчево, откако синоќа беше опожарена градската депонија „Острец“. Во гаснењето околу 23 часот се вклучија екипи на Јавното комунално претпријатие „Брегалница” и Територијалната противпожарна единица од Делчево од каде информираа дека поради силниот ветер на дел од депонијата поради силниот ветар, се уште се појавува оган.

-Наши екипи веднаш по дојавата се упатија на самата депонија. Гаснењето се одвиваше во специфични услови, бидејќи имаше многу силен ветар. Според наша проценка поради самиот терен чадот од депонијата ќе се чувствува и во наредните денови, истакнаа од ТППЕ Делчево.

Од Јавното претпријатие „Брегалница” напоменаа дека депонијата била запалена од четири правци, а како причина за нејзиното палење го наведоа човечкиот фактор.

-Наши вработени со градежни машини и во моментот се на терен и работат на санирање на состојбата со депонијата која беше запалена на четири места. Мораме да нагласиме дека ова не е прв пат поради човечки фактор да се случува вакво нешто на депонијата. Остануваме и понатаму со наши екипи да работиме се до целосно гаснење кое е отежнато поради силниот ветар, истакнаа од претпријатието.

Апелираа на засилена контрола и казни за сторителите кои со извршување на самото дело подлежат на казнени санкции согласно законските прописи.